Според истражувањето, голем дел од граѓаните сметаат дека можат да препознаат дезинформации, но признаваат дека понекогаш им се случува самите да споделат лажна информација. Граѓаните главно се информираат преку телевизијата, Фејсбук и веб-страниците, но многу малку им веруваат на медиумите. Според перцепцијата на испитаниците, помал дел од нив одговориле дека државните институции најмногу шират дезинформации, а 13 отсто одговориле дека политичките партии, медиумите и државните институции подеднакво шират лажни информации
Политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации е ставот што доминира кај граѓаните на С Македонија кога станува збор за ова прашање, покажува истражувањето на јавното мислење за способноста на граѓаните да препознаат и да се справат со дезинформации што го спроведе Институтот за комуникациски студии (ИКС) во текот на октомври годинава како дел од проектот „Користи факти“.
Според истражувањето, голем дел од граѓаните сметаат дека можат да препознаат дезинформации, но признаваат дека понекогаш им се случува самите да споделат лажна информација.
Граѓаните главно се информираат преку телевизијата, Фејсбук и веб-страници, но многу малку им веруваат на медиумите.
Според перцепцијата на испитаниците, помал дел од нив одговориле дека државните институции најмногу шират дезинформации, а 13 отсто одговориле дека политичките партии, медиумите и државните институции подеднакво шират лажни информации.
„Ставот дека политичките партии најмногу шират дезинформации доминира кај повеќе од половината од популацијата над 55-годишна возраст. Од друга страна, пак, најчест одговор кај младите е дека тоа го прават медиумите, иако често се споменуваат и политичките партии“,
велат од ИКС.
Главните наоди од истражувањето укажуваат на тоа дека поголем дел граѓани повеќе пати дневно се информираат за случувањата од светот. На прашањето „Кои теми најмногу ве интересираат?“, поголем дел од испитаниците ги избрале економијата и политиката, по што следуваат спортот, музиката и забавата, а на крај се климата и животната средина. Повозрасната популација најмногу ја интересира политиката, додека младите се најзаинтересирани за музиката.
Телевизијата останува главен извор на информирање
Како извор на информирање најчесто се користи телевизијата, а на второ и трето место се Фејсбук и веб-страниците. Граѓаните на возраст од 18 до 44 години најмногу се информираат преку Фејсбук, додека пак телевизијата е најпопуларна кај групата граѓани од 45 до 64 и над 65-годишна возраст.
Што се однесува на довербата во медиумите, повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека се сомневаат во сите вести што ќе ги прочитаат. Речиси третина проверуваат како е пренесена веста во другите медиуми, додека само четири проценти од граѓаните имаат целосна доверба во медиумите и во вестите што ги читаат.
Повеќе од половина од граѓаните мислат дека понекогаш можат да препознаат дезинформации и сметаат дека одвреме-навреме им се случува и тие самите да споделат неточни информации. Гледано според родот, мажите се посигурни дека секогаш можат да препознаат дезинформации во однос на жените.
Што се однесува на споделувањето дезинформации, една третина од граѓаните одговориле дека воопшто не им се случило да споделат, помал дел сметаат дека тоа им се случува често, додека повеќето сметаат дека понекогаш им се случува да споделат вести што се неточни.
Граѓаните најчесто се чувствуваат вознемирено во случаите кога ќе воочат дека прочитале дезинформација. На 30 отсто од испитаниците им е сеедно, додека по 10 отсто одговориле дека се многу лути или дека се смеат во таквите случаи. Чувството на лутина и вознемиреност е позастапено кај повозрасните групи граѓани.
Сензационалистичките наслови најмногу „палат“ кај најобразованите
Сензациите, како што се наведува во извештајот од истражувањето, најмногу „палат“ кај најобразованите.
„На испитаниците во истражувањето им беа понудени неколку наслови за иста вест, а резултатите покажаа дека поголем дел испитаници би избрале да читаат вест со неутрален наслов. Доколку се анализираат податоците според нивото на образование, поголем дел испитаници со завршени постдипломски студии, докторат или специјализација би читале вест со сензационалистички односно лажен наслов. Од друга страна, пак, граѓаните со завршено основно, средно или високо образование најпрво би избрале да читаат вест со неутрален наслов“,
се вели во истражувањето.
Граѓаните се поделени и во врска со нивните ставови за теориите на заговор поврзани со Европската Унија. Разликата помеѓу оние што се согласуваат дека ЕУ ги измислила вакцините за време на коронавирусот како механизам за контрола на граѓаните и оние што не се согласуваат со тоа е незначителна. Гледано според возраста, мнозинството граѓани на од 25 до 34-годишна возраст (52 отсто) одговориле дека не се согласуваат со изјавата, додека во другите возрасни групи не се големи разликите помеѓу оние што се согласуваат и што не се согласуваат со веста.
„Резултатите од анкетата покажуваат дека во Македонија е потребно уште многу да се работи на зголемување на способноста на населението за препознавање на дезинформации и на нивните извори, но и на зајакнување на професионалноста во медиумите што би ја вратило довербата кај населението. Враќање на довербата е потребна и кај политичките партии. Очигледно е дека политичарите први треба да ги засукаат ракавите односно да понесат одговорност и да се воздржат од ширење лажни вести за дневно-политички цели“,
се вели во заклучоците од истражувањето на Институтот за комуникациски студии
Истражувањето е реализирано преку телефонска анкета на примерок од 1 010 полнолетни граѓани во октомври 2022 година. Истражувањето го спроведе Институтот за комуникациски студии, во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“, како дел од проектот „Користи факти“ кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје. Проектот има цел да ја зајакне отпорноста на широката јавност и ранливите групи во Македонија кон дезинформациите.
Целиот Извештај од истражувањето на способноста на граѓаните за препознавање и справување со дезинформации прочитајте го ТУКА.