Македонскиот тенисер Калин Ивановски (18) денеска се пласира помеѓу осумте најдобри тенисери на јуниорскиот дел од Грен слем турнирот Вимблдон и со тоа успеа да го оствари својот најголем успех во кариерата.
Македонецот попладнево со 2-1 го победи Едас Бутвилас од Литванија, кој важеше за осми носител на турнирот.
Во меч што траеше два часа и три минути, Ивановски го загуби првиот сет со 4:6, во вториот возврати со 7:5, а во третиот доминираше и го доби со убедливи 6:0.
Осумнаесетгодишниот Ивановски на турнирот досега забележа три победи, откако претходно ги елиминираше Британецот Лука Пау и Мексиканецот Родриго Пачеко.
Вчера Ивановски беше во центарот на вниманието на тениската јавноста со необичниот меч-поен, кој го доби со ас и со тоа ја потврди победата над Пачеко, кого го изненади со сервис пласиран меѓу своите нозе.
Have you ever seen a match point like this? 😯
— Wimbledon (@Wimbledon) July 5, 2022
Kalin Ivanovski with an audacious tweener serve to seal the win in the boys' singles draw#Wimbledon pic.twitter.com/oOiTgAwXdE
Противник на Ивановски во четврт-финалето ќе биде поуспешниот од дуелот Бор Артнак (Словенија) – Педро Роденас (Шпанија).