Освен од Србија, Николовски истакна оти денеска во земјава имаме увоз на масло за јадење и на нерафинирано масло и од Русија, Украина и Бугарија, така што, како што додаде, нема потреба од никаква паника кај граѓаните и од зголемување на домашните резерви
Денеска се испорачани првите количини масло за јадење од Србија, а веќе утре треба да се најдат во маркетите, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Доколку има потреба, додаде Николовски, покрај предвидените два милиони литри масло за јадење што Србија ги одобри за извоз во Северна Македонија, ќе се бара увоз на дополнителни количини масло оттаму и, како што рече, очекува српските власти да го одобрат тоа.
„Постојано сме во контакт со српските власти. Ако бидат потребни дополнителни количини, очекуваме српската влада да го одобри тоа. Очекуваме и тргање на забраната за нерафинирано масло“,
истакна Николовски.
Тој уште еднаш упати апел до граѓаните оти нема потреба од грижи и правење резерви со храна, затоа што, како што рече, масло за јадење има доволно.
„Гарантираме дека има доволно количини. Имаме зголемено домашно производство и денеска имаме увоз и од Русија, Украина и Бугарија, и на масло за јадење и на нерафинирано масло така што воопшто нема потреба од никаква паника и од зголемување на домашните резерви. Ја сфаќаме загриженоста, но максимално се работи на обезбедување доволно количини“,
потенцира Николовски.
Според него, динамиката на увоз зависи од договорот на трговските партнери.