Кога е најдобро да се направи проверка на антитела, што значи да се прими една, а што две дози од некоја од вакцините против ковид-19 и колку долго трае имунитетот од вакцините
Двајца лекари од Србија, д-р Радан Стојановиќ, професор по клиничка фармакологија на Медицинскиот факултет и Марија Гњатовиќ од Институтот за примена на нуклеарна енергија, врз основа на искуствата од нивната земја, тврдат дека по примањето на вакцината „Фајзер“, антителата се формираат побрзо, додека кај „Синофарм“ треба да поминат околу 40 дена по втората доза.
„Кинеската е класична вакцина преку која се внесува целосен протеински материјал и се очекува да произведе одговор, но тоа се случува подоцна во споредба со ‘Фајзер’ и ‘Спутник’, кои носат изолиран протеин кој е клучен за производство на антитела. Се очекува дека 100 проценти од вакцинираните ќе развијат антитела околу 40 дена по втората доза, и една доза од вакцината не е доволна за да се создаде имунолошки одговор“,
велат тие.
Како се мерат антителата по вакцинација?
Лекарите сметаат дека е многу важно, кога ќе започнат да се следат ефектите на вакцините, нивото на антитела секогаш да се мери со ист тест, бидејќи различни тестови и различни лаборатории имаат различни параметри и вредности.
„Се препорачува после вакцинацијата да не се мерат никакви антитела за луѓето да не се вознемируваат и да не донесуваат погрешни заклучоци. Треба да се внимава кога се обидува да се спореди ефикасноста на различните вакцини. На резултатот може да влијае возраста на пациентот, колку здравствени работници се вклучени во испитувањето, затоа што се повеќе изложени на вирусот отколку некои луѓе што седат дома и ги почитуваат епидемиолошките мерки“,
вели професорот Стојановиќ.
Што значи прва и втора доза?
Досегашните искуства покажуваат дека првата доза, кај сите оние што создале антитела по пат на природна инфекција, значително ги зголемува нивните вредности. Втората доза служи за продолжување и зајакнување на ефектот на вакцината.
Вакцините не се лек, односно не го лекуваат заболениот од вирусот, но се средство што ќе ни помогне да не се разболуваме, истакнуваат експертите.
За случаите во медицинската пракса, кога луѓето примиле вакцината, по што се разболеле, српскиот професор посочува дека очигледно вакцината ја примиле во моментот на инкубација и дека не се разболеле од самата вакцина и потсетува дека при примање каква било вакцина секое лице мора да биде здраво.
Колкав период е доволен меѓу две дози
И за прашањето колку може да се развлече периодот меѓу двете дози од вакцината, во светот се развиваат различни стратегии.
Прво, стратегијата беше да се даде половина од дозата, која беше одбиена, потоа да се мешаат различни вакцини, што исто така беше одбиено, а сега се разгледува зголемување на временскиот интервал помеѓу двете дози.
Според производителот, временскиот интервал помеѓу две дози на вакцината „Фајзер“ може да се продолжи на шест недели, кај „Спутник“ на осум недели, а за кинеската вакцина нема податоци.
Колку брзо се развива имунитет?
Серолошкиот одговор по природна инфекција покажал дека сите луѓе што развиле антитела над 50 единици се стабилни дури една година по акутната инфекција, а резултатите по вакцинацијата покажале дека таа заштита ќе трае подолго отколку што посочуваат производителите на вакцини.