Инаку, американскиот претседател Џо Бајден неодамна претстави план во три фази за ставање крај на војната во Газа
Иранските власти денеска ја обвинија администрацијата на Соединетите Американски Држави дека не е искрена и сериозна во однос на предлогот за прекин на огнот во Појасот Газа.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Кенани, изјави дека неодамнешниот израелски напад врз бегалскиот камп Нусејрат во Газа, во кој, според палестинските власти, беа убиени неколку стотици палестински цивили, е „сурово и нехумано злосторство“.
„Има информации дека американските и британските сили имале улога во оваа операција. Тоа значи дека во операцијата биле убиени повеќе од 700 невини Палестинци“,
рекол Кенани.
Инаку, американскиот претседател Џо Бајден неодамна претстави план во три фази за ставање крај на војната во Газа.
Катар, кој е посредник меѓу Израел и Хамас во прашањето за Газа, објави дека на Хамас му го пренел израелскиот предлог кој го отсликува предлогот на претседателот Бајден и дека сега документот е многу поблиску до позициите на двете страни.
Портпаролот на Хамас, кој е на власт во Газа од 2007 година, повтори дека не може да се согласи на каков било договор доколку Израел јасно не се обврзе на траен прекин на огнот и целосно повлекување од Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, исто така, повтори дека нема да има траен мир доколку Хамас не биде искоренет, во време кога тој се соочува со длабоки политички поделби околу предлогот на САД.
Новиот предлог што го претстави Бајден предвидува три фази. Првата е предвидено да трае шест недели и вклучува целосен прекин на огнот, повлекување на израелските сили од сите населени области во Газа, ослободување голем број заложници (вклучувајќи жени, постари, ранети) и ослободување стотици палестински затвореници, како и ослободување американски заложници.
Дополнително, во првата фаза, како што кажа Бајден, цивилите ќе можат да се вратат во своите домови и населби во сите области на Газа, вклучително и на север. Исто така, во оваа фаза се предвидува околу 600 камиони секојдневно да доставуваат хуманитарна помош во Појасот, која безбедно и ефикасно ќе биде дистрибуирана до оние на кои им е потребна.
За време на првата фаза, Израел и Хамас ќе преговараат за аранжманите за да се дојде до втората фаза, која треба да доведе до траен крај на непријателствата, рече Бајден.
Во неа Хамас ќе треба да ги ослободи сите преостанати живи заложници кои милитантната група ги киднапира на 7 октомври лани, вклучително и војници, а израелските сили, од друга страна, да се повлечат од Газа.
Третата фаза ќе вклучува голем план за реконструкција на Газа, како и враќање на посмртните останки на сите убиени заложници на нивните семејства.