Вчерашниот инцидент во Вашингтон, кога автомобил удри во безбедносната ограда на американскиот Капитол, веројатно не е поврзан со тероризам покажуваат првичните сознанија на полицијата, пренесува „Ројтерс“.
Сепак, безбедносните органи најавуваат дека ќе продолжат да истражуваат.
Мажот кој по ударот, излегол од возилото и се нафрлил кон полицајците со нож почина во болница откако претходно беше застрелан од полицијата. На повредите им подлегна и еден од ранетите полицајци, додека друг е ранет, но е надвор од животна опасност.
Напаѓачот, како што пренесуваат американските медиуми, е 25-годишно момче, Ноа Грин, од Вирџинија. Од неговото семејство изјавиле дека Ноа подолг период се бори со зависност од дрога и параноја и дека биле загрижени за неговото ментално здравје.
Вчера се огласи и претседателот на САД, Џо Бајден, кој изрази сочувство.
„Знам дека ова беа тешки времиња за Капитол, за сите кои работат таму и за оние кои го штитат“, рече Бајден кој нареди знамињата во Белата куќа да се спуштат на половина копје.
По нападот беше воведена и блокада на Капитол поради надворешни закани, но по неколку часа истата беше укината.