Еден од уапсените, 24-годишен руски државјанин, идентификуван со иницијалите М.З., ги нападнал чуварите со пепер спреј додека се обидувал да ја фотографира фабриката Грамш, втората е Русинка идентификувана како С.Т., на возраст од 33 години и Украинец, идентификуван како Ф.А., на 25 години
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека трите лица кои се уапсени се „осомничени за шпионажа“
Двајца албански војници се повредени во инцидент со двајца руски државјани и еден Украинец, кои се обиделе да влезат во воен објект во централна Албанија, соопшти денеска Министерството за одбрана на Албанија, пренесува Дојче веле.
„Тројца граѓани со руски и украински пасош се обиделе да влезат во фабриката. Полицајците кои ја обезбедуваа фабриката веднаш реагираа, но при нивните напори да ги спречат тројцата странски државјани, двајца наши војници беа повредени“,
се додава во соопштението.
Сите тројца странски државјани се приведени.
Властите соопштија дека воената полиција, заедно со разузнавачките и антитерористичките агенции, се упатиле на местото на настанот за да го истражат инцидентот.
Еден од уапсените, 24-годишен руски државјанин, идентификуван со иницијалите М.З., ги нападнал чуварите со пепер спреј додека се обидувал да ја фотографира фабриката Грамш, која се користи за демонтирање на запуштено оружје,но бил фатен од стражарите.
Во близина се уапсени уште двајца, Русинка идентификувана како С.Т., на возраст од 33 години и Украинец, идентификуван како Ф.А., на 25 години, објави Гардијан.
Албанскиот премиер Еди Рама рече дека трите лица кои се уапсени се „осомничени за шпионажа“.
„Каква гордост за воените гардисти кои неутрализираа три лица осомничени за шпионажа. Сега да го чекаме целосното разјаснување на овој настан“,
напиша Рама на Твитер.
Министерот за одбрана на Албанија Нико Пелеши денеска изјави дека инцидентот не може да се третира како обичен случај и дека властите во Албанија го третираат со големо внимание.
Имајќи предвид дека инцидентот се случи во ограничената воена зона, Пелеши вели дека „имаат право да се сомневаат во шпионажа“.
„Не може да помине како обичен инцидент. Тоа што реагираа на таков начин не прави повнимателни. Ќе имаме изјава за истрагите, повеќе не можам да откријам. Имаме работа со инцидент каде има насилство. Не станува збор за протест, тие влегоа во средина каде што не им е дозволен влез. Имаме право да се сомневаме во шпионажа, бидејќи секој странски државјанин кој влегува во воена зона да се фотографира е осомничен за шпионажа“,
рече Пелеши, кој не сакаше да ги коментира тврдењата дека биле блогери, објави Топ Ченел.
Амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Тирана, Јури Ким, во врска со инциденто, разговарала со министерот за одбрана Нико Пелеши и со началникот на Генералштабот на вооружените сили на кои им ја изразила поддршката од САД, објави ТВ Клан.ал.
„Разговарав со министерот за одбрана Нико Пелеши и со началникот на Генералштабот, генерал Кинги, на кои им посакав брзо закрепнување на двајцата војници кои беа повредени додека го штитеа воениот објект. Ние стоиме со нашиот сојузник додека властите целосно истражуваат за да ги откријат фактите и да ги повикаат на одговорност“,
се вели во реакцијата на американскита амбасадорка.
Гардијан потсетува дека за време на комунизмот, фабриката Грамш се користела за производство на руски тип пушка АК-47.
Според вебстраницата на Министерството, фабриката денес обезбедува производствени услуги за одбранбената индустрија, но нема други повеќе детали.