По спорното интервју, МВР поднесе известување и до скопското обвинителство, каде што веќе е отворен и предмет

Интервјуто на Драган Павловиќ-Латас во поткастот на јутјуберот Стефан Лазаров веќе не може да се пронајде на каналот „Лазаров“ на оваа платформа.
Поткастот во кој гостува Латас беше емитуван пред пет дена, а предизвика лавина негативни реакции по неговото раскажување за сексуално искуството со девојка во неговите тинејџерски години од причина што стимулираше насилство и родова дискриминација.
За спорното интервју реагираа огромен број граѓани, како и новинарските здруженија, невладини организации и дел од политичките партии. На социјалните мрежи можеа да се забележат и многубројни повици до корисниците да ги пријават профилите и каналите на јутјуберот Лазаров.
За случајот, МВР поднесе и известување до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, а оттаму потврдија дека е отворен предмет и надлежен јавен обвинител ќе даде насоки за натамошно постапување.