Во разговор за „360 Степени“, Африм Гаши, претседател на едно од крилата во БЕСА, зборуваше за неодамнешниот конгрес и правната битка за брендот „БЕСА“.
– Тој е наш многу важен дел бидејќи идентитетот на тоа движење се родил во главите на некои луѓе и е раширен од нив и битно е една работа која ти си ја створил, ја негуваш, ја растеш и да остане твоја сопственост и идентификација. И тие луѓе кои вчера беа на конгресот на Движењето БЕСА, тие луѓе сакаат да се идентитифкуваат со тоа име. И ние ќе правиме се да ја добиме оваа борба. Нашите адвокати, правдата е на нашата страна, убедени сме дека вистината и правдата е со нас, но сепак, ќе прифатиме секаква одлука на судот – рече Гаши.
Но не исклучувате формализирање на нов субјект доколку бидете доведени во таква ситуација.
– Не се исклучува. Ние нашето патување, нашата идеја, концепт, принципи… не скршнуваме од овој пат без разлика со какво име. Ние мислиме дека пред се законитоста, легитимноста, е многу побитна од законитоста и идентитетот, концептот, идејата и луѓето кои ја претставуваат оваа идеја се многу поважни од името – рече Гаши.
Тој зборуваше и за 5-те пратеници, односно пратеничката група на БЕСА и рече дека на секој од пратениците ќе остане да одлучи на кој субјект или пратеничка група ќе му припаѓа во иднина.
Запрашан за присуството на лидерот на ДПА, Мендух Тачи на конгресот на БЕСА, тој ги демантираше шпекулациите за договорена соработка и формирање нова пратеничка група.
– Ништо не е вистина од тоа што се зборува. Тоа го имам слушнато и јас, но во ова нема ништо вистинито. Пред се, јас немам сознание за такви нешта – рече Гаши и потенцираше дека засега нема такви математики.
Тој потенцираше дека на конгресот биле поканети претставници на сите политички патии во земјава, односно дека не бил гостин само Тачи.
Гаши потврди дека имало една средба со премиерот Заев, но се уште немало преговори за евентуално влегување во владината коалиција.
– Нашето евентуално влегување во Владата ќе биде само како Движење БЕСА, како наш политички субјект во соработка… и преговорите ќе ги правиме со премиерот. Ние не прејудицираме кои се другите партии таму. Таму е денес и ДУИ со која често имаме дијаметрално спротивни ставови. Но, во досегашното раководство на Движењето БЕСА преовладувал ставот дека во еден таков клучен момент кога Македонија влегува во НАТО и се решава спорот со името, можеби ќе треба и ние да ја подадеме раката на соработка и да дадеме поддршка на оваа Влада за да го реши ова прашање – рече Гаши.