Состојбите во судството и обвинителството по промената на власта, генерално текот на реформите, прашањето за името и што ако не се реши, како и руската улога во Македонија и регионот се темите во краткиот разговор на „360 Степени“ со британскиот амбасадор Чарлс Гарет.
Од една страна, слушаме позитивни оценки од Европската комисија за значителен напредок во реформите во Македонија, а од друга, ја гледаме јавната перцепција дека нема видиливи резултати од тој реформски процес. Дури и владиниот план „3-6-9“, кој главно предвидува носење закони, е исполнет околу 50%. Што мислите за текот на реформите во Македонија?
Очигледно „3-6-9“ е многу важна програма. Ја поставува рамката за итни реформи кои владата ги постави за цели веднаш по преземањето на власта лани во јуни. Тоа ќе се разгледува и одблиску го набљудуваат меѓународните партнери на Македонија. Постигнатото ќе го оценува ЕК и наодите ќе се соопштат во април. Тогаш ќе добиеме јасна слика до каде стигнала Македонија. Но, јас би сакал да го погледнеме прашањето за напредок во реформите во две широки и различни категории. Првата е техничкиот напредок што ќе биде опфатен во извештајот за реформите. Втората е како граѓаните навистина да го променат своето однесување и начинот на кој институциите се однесуваат. Мислам дека тоа е дури поважна мерка од спроведувањето на реформите. Со ова мислам дека секој има некаква индивидуална одговорност да го направи својот дел од реформите, без разлика на која позиција е. Не е само на некој претставник на централната власт кој знае што треба да направи за да ги поттурне реформите, туку и на претставникот во локалната власт, наставниците, лекарите, вработените во агенциите – сите овие поедници знаат што треба да направат и имаат лична одговорност да ги туркаат реформите. Исто како што и граѓаните како поединци, кои не се вработени во државни институции, имаат одговорност да ја притискаат владата, да бараат повеќе од неа и јасно да стават до знаење дека нема да прифатат ништо помалку од силни реформи.
Амбасадоре, вашиот американски колега, амбасадорот Бејли, пред неколку дена посочи на конфликт на интереси при последната промоција на обвинители во Советот на обвинители. Видовме силно незадоволство во јавноста, критики за последниот избор на судии во Судскиот совет, кои беа перцепирани како мешање на извршната власт во сферата на судството. Дали дел од вината за тоа што се случува во правосудството – процес што би го нарекол „ефект на сончогледово вртење на судиите“, лежи и кај меѓународната заедница, која не се согласи и не се согласува со персонална промена на составот на Судскиот совет, кој во некои, или би рекол, во сите релевантни извештаи на меѓународните организации е посочуван како средиштето на проблемот со судството во Македонија?
Мило ми е што ме прашувате за ова. Отсекогаш сум велел, отсекогаш сум верувал дека судскиот и системите поврзани со него, како обвинителскиот, апсолутно се темелите на силна демократија и владеење на правото. Оттука, средувањето на овој сегмент на вистински начин е од суштинско значење ако Македонија сака на направи вистински напредок во потиснувањето на „заробената држава“ и во воспоставување на владеење на правото. Ова е многу добар пример за тоа што претходно го кажав дека станува збор за лична одговорност – сите вработени во судскиот систем, во обвинителскиот систем и во институциите што се поврзани со нив, знаат што претставува професионално однесување, сите знаат што треба да направат за да се зајакнат перформансите на тие институции како дел од демократијата и владеењето на правото. Тука доаѓа личната одговорност и ако секој поединец може да го направи тоа, тогаш тие институции во целост може да почнат да повратат дел од довербата што ја загубија кај граѓаните.
Во Собранието веќе неколку недели не се случува ништо значајно, меѓу другото, и поради блокадата од ВМРО-ДПМНЕ на законот за јазици. Синоќа имаше средба, но не и договор за ова прашање меѓу премиерот и лидерот на опозицијата. Каде е илезот од оваа ситуација?
Многу е тешко да се биде прецизен за тоа каде би бил излезот од ситуацијата. Добро е што партиските лидери меѓусебе зборуваат зашто само низ дијалог може да се придвижите кон точката од која ќе се појави излезот. Се надевам дека тоа ќе се случи што е можно побрзо, зашто парламент без опозиција, не е функционален парламент, тоа е како велосипед со едно тркало, не ве носи никаде. Многупати е кажано, а вреди да се повтори, дека опозицијата и начинот на нејзиното работење е апсолутно клучниот елемент во обезбедувањето демократија во земја како Македонија. Конечено, опозицијата може да ја подобри легислативата со тоа што ќе ја тестира и има исклучително важна функција за нејзино спроведување, а тоа е надзор дека законодавството соодветно се имплементира, дека станува закон. Опозицијата има важна улога и во повикувањето на одговорност на владата, да и поставува на владата тешки прашања за тоа зошто нема реформи во некои области, зошто тој владин претставник го сторил тоа или ова, да ги поставува тие тешки прашања и навистина да ја придвижува инстутицијата кон посилна позиција.
Се чини како власта да става се на една карта, а тоа е решавање на прашањето за името кое, ако еветуално се реши, би донело членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ. Дали Обединетото Кралство е вклучено на некаков начин во олеснување на овој процес на разговори меѓу Македонија и Грција и која е вашата проценка – можно ли е решение на спорот?
Разбирам зошто толку време и енергија владата фокусира на решавање на прашањето за името. Ако се најде одржливо решение меѓу Скопје и Атина, тоа ќе биде момент на целосна промена за Македонија, ќе и отвори разни видови нови можности на земјата за напредок. Ова целосно го разбирам и Обединетото Кралство силно ги поддржува тие напори и апослутно ќе ги поддржуваме и се надеваме дека ќе имаат позитивен епилог. Како одговор на вашето последно прашање – да, апсолутно, решение е можно. Ако не верувате дека решение е можно, тогаш нема причина да се обидувате.
Што ако не се реши прашањето за името? Какви се перспективите за Македонија без членство во НАТО и во ЕУ?
Со сето внимание, со сета енергија, време и ресурси што се трошат за брзо пронаоѓање решение… Мислам дека на тоа треба да биде фокусирано вниманието, на изнаоѓање решение во сегашните разговори. Но, ако Атина и Скопје во наредните месеци не можат да постигнат договор, тогаш прашањето нема да исчезне, се уште ќе биде присутно и ќе ја постави Македонија во ситуација која може и не мора да биде поинаква од онаа од пред 10 или 20 години. Прашањето како Македонија ќе се вика и постигнувањето договор за тоа се уште ќе биде присутно и се уште ќе бара внимание и се уште ќе биде тешко прашање, се уште ќе биде чувствително, се уште ќе биде политичко прашање и се уште ќе бара решавање.
За регионот. Обединетото Кралство е една од најгласните држави против т.н. „малигно влијание“ на Русија на Балканот, на Западен Балкан. Изминатиот викенд во Скопје беа двајца експонирани руски претставници на настан организиран од про-руската партија „Единствена Македонија“. Колку наводите за руско влијание во Западен Балкан се реална закана за желбата на овие држави да се зачленат во НАТО и во ЕУ?
Моето видување е дека не е изненадувачки што се зборува за односите на Македонија со Русија. Сосема е нормално и сосема е во ред за земјата, за која било земја, да ги развива билатералните односи со секоја држава со која сака да има меѓусебни придобивки. На пример, има комерцијални врски меѓу Македонија и Русија и тоа апсолутно треба да се зајакнува. Постојат и образовни и научни и општествени врски. Но, во однос на насоката на патување на Македонија, незјините геостратешки избори, јас би почнал од јавното мислење кое во изминатите две декади покажува огромна поддршка за Македонија да се зачлени во НАТО и да почне пристапни преговори со ЕУ. Мислам дека тоа е најважниот фактор во ова прашање и зотоа владата инвестира толку енергија и затоа тоа е насоката што Македонија ја зазела.
Напишете коментар