Ако ратификацијата на Договорот од Преспа заврши успешно во парламентите во Скопје и во Атина, воената интеграција на земјава во НАТО ќе се одвива преку командата на јужното крило на Алијансата, чие седиште е во Неапол, Италија. На нејзино чело е 59-годишниот американски адмирал, Џејмс Фого, кој во 40-годишната воена кариера бил командант на нуклеарна подморница во времето на студената војна, но и прв човек на 6-та американска флота, чија главна мисија е поврзана со безбедноста на Европа и Африка. Со адмирал Фого, чиј татко се борел во Втората светска војна, а дедо му во Првата – на европско тло, разговараше Владимир Мирчески.
Адмирале, ви благодарам за вашето време и за ова интервју. Како ја оценувате Македонија и дали, според воените критериуми, земјата е подготвена да стане 30 земја-членка на НАТО?
Владимир, ти благодарам за твоето време и за интересот за пристапувањето кон НАТО и за мојот дел од работата во Командата на здружените сојузнички сили во Неапол. За да ти одговорам на прашањето дозволи ми да се вратам назад – првиот пат кога дојдов овде, а тоа беше во 2004 година. Бев дел од тимот на Командантот на генералштабот во Вашингтон задолжен за политички и стратешки прашања. Бев голем трансатлантист и заинтересиран за напредокот на Алијансата, како и за Охридскиот договор кој стана реалност и кој се реализираше. Дојдов тука во 2004 и учествував на конференција во Охрид, прекрасно место, преубава глетка, добро време во годината, со тогашниот министер за одбрана Бучковски, со НАТО и делегација на САД и со претставници од вашата земја. Тогаш, нашата визија беше пристапување во НАТО и иако тоа не се случи толку брзо како што ние посакувавме, со текот на годините вие учествувавте во низа операции низ цел свет. 49 војници сега се дел од операцијата „Одлучна поддршка“ и вршат одлична работа. Вие мене ме поддржувате како командант што ја надгледува работата на КФОР на Косово во одржувањето безбедна ситуација и слободно движење. Ваши војници гледам насекаде во НАТО, кои се многу професионални… Конечниот одговор на вашето прашање е да, сметам дека сте подготвени.
Што може мала земја со само неколку илјади професионални војници да придонесе во најмоќниот воен сојуз во светот?
Прво, не станува збор само за бројот на војници, туку и за стратешката блискост овде на Балканот, за граничната безбедност во која вие придонесувате за посилна Алијанса… Запомнете, ние сме организација која штити, спречува, обесхрабрува и разговара и вообичаено, не преземаме офанзивни дејства. Не сме во бизнисот на „одземање нечии територии“. Пример, незаконската анексија на делови од Украина, ние ги браниме нашите граници и добро е и вие да се приклучите и добро е за нас да бидеме почестени со приклучување кон границите на НАТО на територијата на Европа за да ја направиме побезбедна.
Дали приклучувањето на Македонија во НАТО е еден од клучните делови во стабилизирањето на јужното крило на Алијансата од аспект на глобалните случувања и на она што се нарекува „агресивен став на Русија“?
Мислам дека има низа елементи во ставот на Русија што ме загрижуваат. Прво, незаконското анектирање на делови од Украина, ме загхрижуваат и настаните од пред неколку недели во Азовското море. Сметам дека Украина и Русија треба да ја разрешат ситуацијата во Азовското море во согласност со договорот што го потпишаа во 2003 година за мирна транзиција и одржување трговија во таа област. Секако, тоа се случи пред Русија да анектира делови од Украина и да го направи мостот преку Керчскиот теснец. Верувам дека приклучувањето кон НАТО нам ќе ни овозможи дополнителен партнер, сојузник, пријател, дополнителна сила за Алијансата, а тоа е важно. Пред извесен период одржавме вежба во Норвешка со повеќе од 50.000 војници, морнари, авијатичари и маринци. Сите учествуваа, сите 29 членки, плус два партнера Шведска и Финска. Оттука, без оглед колку е мало присуството, секое учество во таа вежба ја прави Алијансата посилна, ја прави интероперабилна и гради важни односи. Ако има проблеми на југот, последното нешто што го сакате е да му се јавите некому што не го знаете. Кога ќе се јавите некому што го знаете и со кого имате релации и пријателство, тогаш е многу полесно за решавање на работите во услови на тензична ситуација или криза. Затоа, мислам дека ова е добро за сите страни и секако е добро за нашите пораки кон Руската Федерација.
Неодамна видовме тензии во регионот меѓу Србија и Косово. Претставници на НАТО изјавија дека Договорот од Преспа може да послужи како модел за решавање на тешки прашања меѓу соседи низ дијалог.
100 проценти се согласувам со тоа. Би рекол дека процесот на дипломатски преговори, дискусии и компромиси во Договорот од Преспа е модел за надминување тензиии, потешкотии, недоразбирања меѓу земји во иднина. Не станува збор само Косово и Србија има и други области во светот каде типот на разговори од Преспа би бил добар модел. Ги поздравувам премиерите Заев и Ципрас за сработеното и за тоа што постигнаа заеднички прифатливо решение. Тоа му го реков на премиерот Заев, како и на министерката за одбрана.
Русија предупреди дека зачленувањето во НАТО ќе ја направи Македонија легитимна цел. Како Алијансата планира да ги брани своите членки во овој дел од Европа во случај на вакво црно сценарио?
Русија има тендеција да ескалира и да ја смирува ситуацијата. Често гледаме таква реторика кога една земја решава дека сака да формира сојузништво со некој кој не е пријател на Русија. За мене, тоа е разочарувачки и да бидам искрен, многу недипломатски. Што може да преземете во врска со тоа и што би се случило ако има закани кон вашата земја? Зачленувањето во НАТО ви дава пристап и ве прави дел од Повелбата на НАТО потпишана во Вашингтон во 1949 година. Членот 5 од Повелбата вели дека закана или напд врз една членка е напад врз сите членки. Токму тоа го правевме во операцијата „Трозабец“ во октомври и ноември, тоа беше вежба во согласност со членот 5 во која во период од 30 дена 7 бригади се движеа од 29 земји-членки кон Норвешка како помош за одбрана на незјиниот суверенитет. Значи, ова сценарио имаше измислени имиња и претпоставуваше дека некоја земја и се заканува на Норвешка, а ние требаше да отидеме таму, да воспоставиме база и морска и воздушна надмоќ и да ги избркаме агресорите. Тоа и го сторивме.
Кризата во Азовското море дополнително покажа колку е кршлива ситуацијата во Источна Европа и колку малку треба за старт на конфронтации. Дали сме на прагот на нова студена војна меѓу Истокот и Западот во која Балканот би бил една од точките на интерес?
Балканот отсекогаш бил место на случувања. Еден од моите омилени пистаели, Роберт Каплан, пред многу ја напиша книга „Духот на Балканот“ која ја имам и во канцеларија и дома. Навистина е тешко да се надминат некои расправии што со генерации траат меѓу земјите. Како што поминува времето, дел од овие рани ќе залечуваат, преостанува уште многу да се сработи. Дипломатски и заедно како одговорни, демократски земји да се придвижи регионот напред… Поминаа 104 години од убиството на престолонаследникот Франц Фердинанд, утре ќе одам во Сараево. Одржав говор на одбележувањето на 100-годишнината од примирјето на Фландерсфилд за што е напишана и позната песна „Војна со која ќе запрат сите војни“ за оваа битка од Првата Светска војна. Но, со оваа војна не завршија сите војни, нели? Токму поради Договорот од Версај се случи страшната Втора Светска војна. Дедо ми се бореше во Првата, татко ми во Втората Светска војна… Татко ми ја напушти Европа во 1945 каде помина година и пол во битките и се врати во Канада зашто беше офицер на Комонвелтот… Но, пак се врати во Европа во 60-тите години, јас сум роден во НАТО-база, а кога пораснав татко ми ми велеше дека војната е страшна работа, но дека НАТО е одличен сојуз зашто спречува војни. Јас верувам во ова и мислам дека има начини за надминување на разликите преку дијалог, треба меѓусебно да зборуваме. Тоа е клучот за решавање на актуелните несогласувања меѓу Косово и Србија, суштински е дијалогот меѓу Белград и Приштина. А она што НАТО ќе го прави, кога и вие ќе се приклучите, е дека ќе брои 30 членки и ако имате проблеми како НАТО-членка, партнер, пријател, ќе можеме тоа да го решиме преку дискусија. Тоа е уште една додадена вредност и корист да се биде дел од Алијансата во 21 век.
Напишете коментар