Седницата на која пратениците треба да гласаат за реконструираниот состав на Владата, пак, како што рече собранискиот спикер Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите, ќе биде закажана кога Владата ќе го достави предлогот до Собранието
Интерпелацијата за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе се најде на дневен ред на пленарната седница на Собранието закажана в среда, 24 јуни, информира денеска собранискиот спикер Африм Гаши. Станува збор за интерпелацијата што во мај ја поднесе опозициската Левица обвинувајќи го Тошковски за саботирање истраги, селективна правда, непрофесионално работење на полицијата и судир на интереси.

Еден ден по расправата за интерпелацијата за работата на министерот Тошковски, како што информира Гаши, ќе се одржат редовните пратенички прашања до премиерот и министрите. Во текот на утрешниот ден, пак, до Собранието се очекува да пристигне и ребалансот на Буџетот за 2026 година.
Седницата на која пратениците треба да гласаат за реконструираниот состав на Владата, како што рече Гаши, ќе биде закажана кога Владата ќе го достави предлогот до Собранието.
„Без да имаме предлог за промена во владиниот Кабинет, ние не можеме ништо да прејудицираме. Зависи од тоа дали ќе има нов предлог и кога ќе биде доставен“,
рече претседателот на Собранието.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека разговорите за реконструкцијата со коалициските партнери се при крај и дека во текот на викендот ќе има формализирање на процесот.
