Собранискиот спикер Африм Гаши информира дека покрај интерпелацијата за министерот за земјоделство, на пленарната седница на 10 јуни ќе се најде и Законот за правична застапеност, кој ќе се носи во редовна постапка
Интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски ќе се најде на пленарна седница на 10 јуни – информира на денешниот брифинг претседателот на Собранието, Африм Гаши. Интерпелацијата за Трипуновски во април годинава ја поднесе опозицискиот СДСМ обвинувајќи го министерот за земјоделство за корупција, скандали и штетни политики во ресорот.

„Интерпелациите ќе бидат ставени на дневен ред на седници како што е пропишано со Деловникот. Веќе за првата интерпелација, прва наредна седница ќе биде 10 јуни и токму на таа седница ќе биде разгледана интерпелацијата за министерот за земјоделство Цветан Трипуновски. Другите две интерпелации, првата за министерот Тошковски, денеска е доставена и ќе биде испратена до сите пратеници и истата ќе подлежи на тие рокови на Деловникот“,
рече собранискиот спикер Африм Гаши на денешниот брифинг.
За најавите на опозицискиот СДСМ дека ќе поднесе интерпелација против него, претседателот на Собранието рече дека досега не е доставена, но доколку биде ќе се постапи согласно Деловникот.
На денешниот брифинг тој информира и дека на пленарната седница на 10 јуни ќе се најде и Законот за правична застапеност, кој ќе се носи во редовна постапка. Тој ги повика сите пратенички групи да придонесат за поквалитетно носење на овој закон и да поднесат амандмани и предлози за негово дополнување.
„Овој закон го помина и филтерот на Венецијанската комисија. Посакувам да биде донесен во демократска атмосфера и во најквалитетна форма. Тој е столбот на Охридскиот договор. После 25 години првпат се носи закон за правична застапеност и се надевам дека ќе биде и поквалитетен и ќе биде во служба на граѓаните“,
рече Гаши.
