Во однос на тоа дали станува збор за пресметка меѓу криминални банди или станува збор за индивидуален чин на насилство, министерот за внатрешни работи изјави дека според првичните информации не станува збор за организирана криминална група која се пресметува за превласт на теренот, туку за некои други причини

Интензивно се работи на расчистување на случајот со убиството на 26-годишното момче синоќа во населбата Дуќанџик, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Според него, МВР има првични информации за сторителите, а едниот од нив бил на издржување казна затвор.
Тошковски, во гостувањето на Вести плус на Канал 5 телевизија, нагласи дека се обезбедени соодветни докази и се надева оти најбрзо што може ќе се обезбедат сторителите и ќе бидат предмет на кривичен прогон.
„Во овој момент официјално не би можел да издвојам кои се мотивите. Можам само да истакнам дека интензивно се работи на предметното кривично дело. Министерството за внатрешни работи има првични информации за сторителите. Има обезбедено и соодветни докази во однос на тоа кои се сторителите, така што се надевам дека најбрзо што може ќе ги обезбедиме и тие ќе бидат предмет на кривичен прогон, како што, да речеме, беа и многумина во изминатиот период, а притоа сторија огромен број кривични дела во изминативе години. И сега имаме таков случај“,
рече Тошковски во врска со вчерашното убиство.
Тој вели дека постои проблем со влијанието на затворите и она што се случува во нив, во градовите и во целата држава, нагласувајќи дека ова било тема и на една конференција на која неодамна учествувал заедно со ОБСЕ и со повеќе странски дипломати во земјава, меѓу кои и американската амбасадорка.
„И сега имаме таков случај. Согласно првичните информации што ги имам, еден од учесниците во рамки на овој кривично-правен настан е лице кое е уапсено од страна на МВР и кое моментално е на издржување казна затвор. Дали било пуштено, ослободено или така натаму, сè уште е рано да навлегуваме во тие детали. МВР, заедно со Јавното обвинителство, целосно ќе ја испита ситуацијата“,
рече Тошковски.
Во однос на тоа дали станува збор за пресметка меѓу криминални банди или станува збор за индивидуален чин на насилство, министерот за внатрешни работи изјави дека според првичните информации не станува збор за организирана криминална група која се пресметува за превласт на теренот, туку за некои други причини. Тој додаде дека сè уште во овој момент е рано да се соопштат детали во јавноста и нагласи да се остави истрагата да си ја заврши работата.
„Кога гледам по социјалните мрежи одредени споредби со Дивиот Запад и така натаму, слободно би можел да кажам дека бројот на кривичните дела што се случуваат, а се од опфатот на групата на насилни кривични дела, особено поврзани со кривични дела сторени од страна на организирани криминални групи, како во градот Скопје,, така и на целокупната територија на Македонија, во споредба со претходно, не може да се спореди, односно и тоа како драстично е намален“,
додаде Тошковски.
Според него, скопјани, особено оние што поседуваат локали и кои почесто се во рамките на угостителски објекти, можат да забележат драстична разлика во споредба со пред три години, за кога рече дека организирани криминални групи буквално харале низ градот.
„Но факт е дека сè уште имаме вакви инциденти кои и тоа како се загрижувачки од аспект на безбедноста и од аспект на работата на МВР“,
рече Тошковски.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР), инцидентот се случил синоќа во 23:30 часот, додека во близина на раскрсницата со улиците „Свети Прохор Пчињски‘ и „Војдан Чернодрински“ стоеле група од петмина скопјани, кога им се приближиле две лица на мотоцикл, кои почнале да пукаат кон нив со огнено оружје, по што се дале во бегство.
Еден од испуканите проектили го погодил 26-годишниот А.М. од Скопје, кој со возило на Итната медицинска помош е пренесен во Клиничкиот центар во Скопје, каде подоцна починал.
