За утре е закажан состанок на претставници на ДЗС со градоначалниците, при што ќе се обрати и шефот на државата
Нешто повеќе од два месеци пред почетокот на пописот на населението и домаќинствата во земјава, Државниот завод за статистика ги почнува подготовките за големата статистичка операција, околу која подолго време се кршат и политички копја во земјава.
За таа цел, за утре е закажана средба на претставници на ДЗС со градоначалниците на општините во државата. Состанокот ќе се одржи во големата сала во Собранието на С Македонија.
На градоначалниците ќе им се обрати и претседателот Стево Пендаровски, како што соопштија попладнево од неговиот кабинет.
Од претседателскиот кабинет велат дека состанокот е посветенна значењето и улогата на локалната самоуправа во процесот на подготовка и спроведување на пописот.
На средбата е најавено дека ќе присуствуваат и премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери, министрите за правда и за локална самоуправа, Бојан Маричиќ и Горан Милевски и директорот на ДЗС Апостол Симовски.
Кога ќе заврши пописот, на сегашните локални власти во земјава ќе им остане само уште половина година до истекот на мандатот, односно до редовните локални избори што треба да се одржат наесен.
Локалните избори во 2017 година се одржаа на 15 октомври (првиот круг), а вториот круг две седмици потоа.
Иако по донесувањето на Законот за спроведување на пописот се во полн ек подготовките за статистичката операција, опозициската ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од намерата за поништување на Законот.