ВМРО-ДПМНЕ ќе ги искористи сите институтционални механизми за да го спречи најавениот попис, а потоа партијата ќе разговара за следните чекори што ќе се преземат, вели опозицискиот пратеник Тимчо Муцунски.
Тој вели дека ставот на партијата е дека треба да има попис, но според стандардите на Евростат и тој да се одржува електронски.
„Овој попис се води по една застарена методологија, една методологија за која ние сметаме дека не е усогласена со највисоките стандарди од ОН и ЕУ, односно стандардите на Евростат. Ние даваме конкретни предлози како може Македонија да направи електронски попис бидејќи имаме капацитет за тоа. Но, очигледно немаше слух. Овој попис е крајно е политизиран. Добро зошто е потребен двоен потпис за да се потврди една статистичка операција? Очигледно имаме крајно политизирање на процесот“,
рече Муцунски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција пред Собранието.
Според него, сите сакаат попси да има, но не попис што ќе го погази достоинството на уставно-правниот систем.
ВМРО-ДПМНЕ денеска го повикуваа и шефот на државата, Стево Пендаровски, да не го потпишува Законот за попис.
„Претседателот Пендаровски примарно најдобро да се консултира со експерти од оваа област. Доколку се консултира со вистински и објективни експерти по ова прашање верувам дека ќе го упатат кон тоа дека не е овој закон правилниот начин за спроведување на попис. Ќе повторам попис треба, попис треба час поскоро. Но, попис треба земајќи ги предвид современите алатки кои што ги имаме во 21 век. Треба електронски попис на Македонија, а Македонија има капацитет тоа да го направи и притоа нема никој да се сомнева во конечните статистики кои што ќе произлезат од него“,
рече Муцунски.