Шесте инспекциските служби од 27 април до 3 мај на терен спровеле 3 086 надзори за тоа како се спроведуваат мерките и препораките од Владата против ширење на коронавирусот.
Најголем број од надзорите ги спровела Пазарната инспекција – 2 042, во трговски и угостителски објекти, аптеки, пошти и бензински пумпи.
Било контролирано воспоставувањето ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите, како и тоа дали цените на одредени производи се замрзнати на оние од 11 март, како што препорача Владата.
Притоа пазарната инспекција затворила 4 угостителски објекти и запечатила и 5 кафемати, додека во Тетово и во Скопје се изречени опомени за неносење маски во трговски објекти.
Инспекторатот за транспорт за овие седум дена спровел 118 надзори, при што е констатирано дека меѓуопштинскиот сообраќај е намален за 95 проценти при што во целосен прекин се автобуските линии од Скопје кон: Битола, Ресен, Прилеп, Пробиштип, Кратово, Крива Паланка, Кочани, Берово и обратно. Меѓународниот сообраќај е во целосен прекин од почетокот на вонредната состојба. Од контролите на автобуските станици, констатирано е дека се почитува мерката за 50 отсто намалување на капацитетот на превоз.
Товарниот сообраќај се одвива без пречки, а изречена е една мерка за превозник поради непочитување на препораките.
Агенцијата за лекови спровела 34 надзори и нема констатирано специфични отстапки, ниту во однос на одржување ред ниту во однос на цените на лековите.