Затворени се пет угостителски објекти, сите во Скопје, кои не ја почитувале забрана за работа во услови на епидемијата со коронавирусот
Шесте инспекторати во периодот од 9 до 13 април извршиле 1 319 контроли, од кои најголем дел – 514 се спроведени од Пазарниот инспекторат, соопшти на денешната прес-конференција Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателка на Инспекцискиот совет.
Дел од контролите на Пазарната инспекција се направени во угостителски објекти, при што се затворени пет локали, сите во Скопје.
Од визуелната обиколка на објектите во државата, констатирано е дека се почитуваат мерките што ги воведе Владата за спречување на ширењето на коронавирусот.
Пазарните инспектори, исто така, извршиле контрола на кафемати на бензинските пумпи и во други објекти во Скопје, Тетово, Битола и Куманово – вкупно 60, за да се утврди дали се почитува забраната за нивно користење.
Останатите инспекциски надзори од Пазарната инспекција се однесуваат на замрзнатите цени на одредени производи и констатирано е дека голем дел ги почитуваат мерките, а онаму каде што е забележано зголемување на цените треба да ги вратат на оние утврдени на 11 март.
Агенцијата за храна спровела 162 контроли во повеќе градови, во маркети, месарници и зелени пазари, при што се изречени 2 мерки поради неспроведени обуки за безбедност на храна и издадени се 19 решенија за констатирана лоша хигиенска состојба и едн глоба за продажба на производ со поминат рок.
Трудовата инспекција извршила 446 контроли и донесени се 7 решенија и 9 укажувања за работодавачи кои не ги почитувале мерките, главно за платено отсуство на родители со дете до 10 години, самохрани родители, бремени жени и хронични болни.
Инспекторатот за транспорт извршил 85 надзори и констатирано е дека меѓуопштинскиот превоз на патници е намален за 95 проценти, додека меѓународниот сообраќај е целосно во прекин. Од контролите на автобуските станици утврдено е дека се почитува владината одлука за превоз на патници со намален капацитет од 50 проценти.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил 77 надзори и издал 179 дозволи на транспортери превозници за непречен транспорт во услови на епидемија.
Агенцијата за лекови извршила 35 контроли и утврдила дека нема специфични отстапувања во секторот, се почитува редот во аптеките и цените на лековите се во согласност со мерките на Владата.