И денеска продолжуваат препукувањата меѓу Иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ и раководството на опозициската партија по откажувањето на вонредниот конгрес што требаше да се одржи на 28 март
Иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека еуфоријата што ја предизвика одложувањето на најавениот вонреден конгрес на партијата кај претседателот на партијата Христијан Мицкоски е знак дека тој е очаен и дека само го интересира функцијата.
„Очекувано е човек кој доживеал целосен дебакл да се радува само затоа што се одложило неговото заминување од функцијата“,
велат во соопштението од Иницијативниот одбор и ги посочуваат неговите неуспеси во досегашните изборни циклуси откако е на чело на партијата.
Од друга страна, тие велат дека ваков лидер на опозиција како Мицкоски кој и нанесува штета на ВМРО-ДПМНЕ и одговара на власта.
„Мицкоски е единствениот во ВМРО-ДПМНЕ чии афери се амнестираат од надлежните обвинителства и судови, додека останатите членови се соочуваат со драконски казни. Нема член на СДСМ кој не смета дека Мицкоски треба да си го пазат како очи во глава и дека тој е омилениот спаринг-партнер кој си го нокаутираат по договор“,
велат од Иницијативниот одбор.
Денешното соопштение е реакција на вчерашниот коментар од ВМРО-ДПМНЕ откако Иницијативниот одбор соопшти дека го одложува вонредниот конгрес најавен за 28 март поради влошената епидемиолошка состојба, што од ВМРО-ДПМНЕ го протолкуваа како „уште еден пораз за да се инсталира контролирана опозиција“.
„Ова е и најголем доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не прави пактови со криминал, но и дека луѓе кои уценети одработуваат за Заев не може да бидат иднина. ВМРО-ДПМНЕ е реформирана и прочистена партија од компромитирани кадри кои решија да му служат на Заев. Ништо од приказните и лагите дека имале мнозинство делегати, па дека нив им била намерата да направат промени во опозицијата со тезата Заев е добар, а ВМРО-ДПМНЕ не чини“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ требаше да се одржи со цел да се гласа за доверба на партискиот лидер Христијан Мицкоски поради поразот на последните парламентарни избори. За конгресот да биде легитимен, требаше да се соберат најмалку две третини од делагатите што учествуваа на конгресот во Валандово, затоа што таков е принципот на одлучување, согласно со партискиот Статут.
Паралелно, и раководството на ВМРО-ДПМНЕ закажа конгрес, но редовен и изборен, за кој најави дека ќе се одржи во ноември, пред истекот на првиот мандат на Мицкоски на чело на партијата.