Преку протестот, како што велат, ќе го изразат незадоволството од неправдите со кои се соочуваат нивните деца во образовниот систем во земјава. Велат дека учениците имаат право на безбедно и непречено образование во училиштата и додаваат дека за нив онлајн наставата е неприфатлива. Додаваат дека со препорачаната онлајн настава во деновите кога училиштата ќе добијат дојави за бомби се прелила чашата во состојбите во образованието
Ако Министерството за образование и наука (МОН) во рок од 15 дена не ги повика Министерството за внатрешни работи (МВР) и другите безбедносни органи со цел да се реши проблемот со дојавите за бомби во училиштата, граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има” најави дека ќе излезе на протест.
Преку протестот, како што велат, ќе го изразат незадоволството од неправдите со кои се соочуваат нивните деца во образовниот систем во земјава. Велат дека учениците имаат право на безбедно и непречено образование во училиштата и додаваат дека за нив онлајн наставата е неприфатлива.
Фото: МИА
Додаваат дека со препорачаната онлајн настава во деновите кога училиштата ќе добијат дојави за бомби се прелила чашата во состојбите во образованието.
„Чашата е прелиена! Немаме учебници, немаме свидетелства, немаме безбедност – еве сега сакаат да немаме и настава“,
се наведува во фејсбук-објавата на иницијативата „Учебници и настава мора да има”.
Граѓанската иницијатива упати апел до сите училишни одбори, високообразовни институции, градоначалници и политички партии да се обединат во овој момент, со цел, како што велат, заеднички да се дејствува и да се спречи тонењето на образованието.
„Повикуваме до целата јавност да биде со нас заеднички да ги спасиме нашите деца и идните генерации. Децата се нашата иднина, а со вакво образование нема да имаме иднина. Да се сплотиме сите заедно Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми и сите националности кои живеат под ова небо. Децата имаат уставно право на непречено образование и треба да им го обезбедиме“,
се додава во објавата на иницијативата „Учебници и настава мора да има”, чиј овластен претставник е Драгана Спасевска.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска најави промени во начинот на постапување кога ќе има дојави за бомби во училиштата. МВР и МОН, вели тој, работат за да се спречи напуштање на училиштата, односно да може наставата да продолжи откако ќе се утврди дека има лажна дојава.
Ковачевски најави дека денеска ќе има средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерот за образование Јетон Шаќири за да се разгледаат дополнителни мерки за справување со лажните дојави за поставени бомби кои неколку месеци по ред пристигнуваат на мејловите на основни и средни училишта ширум земјава.