Беса доби 9 620 гласа или речиси една третина (32,4 %) од сите што излегоа на избирачките места (29 690). На претходните избори, при поголема излезност, Беса освои 8 367 гласа (21,8 %)
Алијанса за Албанците освои 777 гласа што, и покрај малата излезност, не е доволно за советничко место. Најнискиот добитен количник (според Донтовата формула) е единаесеттиот кај ДУИ (8 702 : 11 = 791,09) што значи дека на Алијанса и недостигаат точно 15 гласа (777 + 15 = 792) за да има еден мандат. Независно од ова, резултатот на Алијанса е пораз за партијата која на национално ниво претендира дека и е директен предизвикувач на ДУИ
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го повторија резултатот од редовните избори што се однесува до бројот на освоени советнички места. Ако се анализираат гласовите што ги добија, и двете партии имаат пад од по околу 700 гласа – ВМРО-ДПМНЕ има 3 332 за разлика од 4 062 во октомрви (730 помалку), а СДСМ освои 1 953 споредено со 2 672 минатата година (719 помалку)
Беса, чиј лидер е актуелниот градоначалник Билал Касами, е неспорен победник на вчерашните вонредни избори за членови на Советот на Тетово. Беса освои и повеќе мандати, а единствена – и повеќе гласови споредено со редовните избори во октомври минтата година и покрај помалата излезност на вчерашното гласање. ДУИ заврши со еден советник повеќе од ланските избори, но е поразена за разлика од 2021 кога поединечно освои најголем број мандати во Советот.

Најголем губитник на овие избори е Алијанса за Албанците која ќе нема претставник во Советот споредено со изборите од минатата година кога настапувајќи во коалиција со Алтернатива освоија три мандати. Алтернатива во самостоен настап вчера стигна до еден советник. Едно место во Советот ќе има и ДПА што е полош резултат за оваа партија од лани кога се избори за двајца советници и многу повеќе гласови.
За губтник може да се смета и независната листа „Подобро за Тетово“, која по блесокот на претходните редовни избори кога освои две советнички места, вчера остана без ниедно.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ завршија со ист број советници – четири односно два, а и двете партии добија по околу 700 гласа помалку споредено со минатогодишните локални избори.
Што се однесува до севкупниот однос на силите во Советот, исходот од вчерашното гласање носи јасна слика со оглед на тоа што Беса и ВМРО-ДПМНЕ заедно имаат мнозинство.
Сега и подетално за бројките.
Беса има една третина од гласовите

Споредбениот графички приказ погоре зборува сам за себе зашто столбот во сина боја, кој ги претставува гласовите на поедничените листи од вчерашното гласање, само кај Беса е поголем од портокаловиот столб, кој е приказ на гласовите од минатогодишните редовни избори. И тоа во услови на околу 22-отстотна помала излезност од лани.
Вчера во Тетово, според првичните податоци објавени од ДИК, гласале 29 690 граѓани од вкупно запишаните 84 072 што е излезност од 35,3 %. На 17 октомври 2021 година, кога се одржаа редовните локални избори, во оваа општина на гласање излегоа 38 350 полнолетни лица од регистрираните 85 577 што означуваше одѕив од 44,8 %.
Во вакви околности, Беса доби 9 620 гласа или речиси една третина (32,4 %) од сите што излегоа на избирачките места (29 690). Тоа и носи 12 места во општинскиот совет со 31 член. На претходните избори, при поголема излезност, Беса освои 8 367 гласа (21,8 %) што беше доволно за осум советнички мандати.

ДУИ, иако има еден советник повеќе од досега, е второпласирана. Освои околу 1 400 гласа помалку споредено со октомври – вчера доби 8 702 (29,3 %), а на редовните избори кога заврши првопласирана имаше 10 114 (26,4 %). 11-те советници наспроти 10-темина досега нема да и значат многу зашто, извесно е, ќе остане во опозиција во Тетово.
На Алијанса и фалат 15 гласа за советник
Алијанса за Албанците освои 777 гласа што, и покрај малата излезност, не е доволно за советничко место. Најнискиот добитен количник (според Донтовата формула) е единаесеттиот кај ДУИ (8 702 : 11 = 791,09) што значи дека на Алијанса и недостигаат точно 15 гласа (777 + 15 = 792) за да има еден мандат. Независно од ова, резултатот на Алијанса е пораз за партијата која на национално ниво претендира дека и е директен предизвикувач на ДУИ.
На претходните избори, кога Алијанса за Албанците и Алтернатива настапуваа во коалиција, заедно освоија 3 912 гласа што им донесе три советнички мандати. Алтернатива вчера со 1 118 гласа се избори за едно место во Советот на Тетово.
До еден советник стигна и ДПА, но со многу помалку гласови отколку лани. Вчера доби 1 058 гласа, а во октомври – 2 526 што тогаш и донесе два мандата. Секако дека треба да се има предвид помалата излезност на вчерашното гласање, но намалувањето, процентуално, кај одѕивот не е толку големо како падот на поддршката за ДПА.
Меѓу поразените се и од независната иницијатива „Подобро за Тетово“ кои добија само 761 глас споредено со минатата година кога ги поддржаа 2 842 граѓани. Ланскиот резултат им донесе два мандата во Советот, а вчера останаа без советничко место. И ним, слично како и на Алијанса, им фалат 31 глас за да стигнат до 792, колку што се минимум неопходни за влез во Советот.
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со по 700 гласа помалку

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ го повторија резултатот од редовните избори што се однесува до бројот на освоени советнички места. ВМРО-ДПМНЕ освои четири мандати, а СДСМ – два. Ако се анализираат гласовите што ги добија, и двете партии имаат пад од по околу 700 гласа – ВМРО-ДПМНЕ има 3 332 за разлика од 4 062 во октомрви (730 помалку), а СДСМ освои 1 953 споредено со 2 672 минатата година (719 помалку). Во релативни бројки, падот е поголем кај СДСМ со оглед на помалата споредбена основа. Четирите мандати на ВМРО-ДПМНЕ му носат почиста позиција во мнозинството (со Беса) и, најверојатно, подобар статус во локалната власт во Тетово.
Слична тенденција во освоите гласови може да се забележи и кај Левица, која вчера освои 646 гласа (недоволни за советник), споредено со 907 во октомври минатата година (исто така, недоволни за советник).