Законот вклучува забрани за црна магија, навреда на претседателот или државните институции, ширење ставови против државната идеологија и организирање протести без најава
Индонезискиот парламент усвои кривичен законик кој забранува сексуални односи надвор од бракот и предвидува затворска казна до една година. Законот е дел од законските измени за кои критичарите велат дека ги поткопуваат граѓанските слободи во третата по големина демократија во светот, пренесува Ројтерс.
Новите одредби, кои ќе важат за Индонезијците и странците, исто така им забрануваат на паровите да живеат заедно пред брак.
Новиот закон е донесен со поддршка на сите политички партии, и покрај предупредувањата од бизнис-групите дека може да ги исплаши туристите и да им наштети на инвестициите.
Сепак, законот нема да стапи во сила три години за да се овозможи изработка на прописи.
Во моментов Индонезија забранува прељуба, но не и предбрачен секс.
Законот вклучува забрани за црна магија, навреда на претседателот или државните институции, ширење ставови против државната идеологија и организирање протести без најава.
Критичарите велат дека новите законски одредби би можеле да се користат за контрола на моралот во најголемата нација во светот со мнозинско муслиманско население, која бележи пораст на верскиот конзерватизам во последниве години, пишува Ројтерс.
Маулана Јусран, заменик-шеф на одборот за туристичка индустрија на Индонезија, вели дека новиот закон е „целосно контрапродуктивен“ во време кога економијата и туризмот почнаа да се опоравуваат од пандемијата.
„Хотелите или какви било сместувачки капацитети се како втор дом за туристите. Со ратификацијата на овој кривичен законик, хотелите сега се проблематични места“,
рече Јусран.
Пратениците го поздравија усвојувањето на кривичниот законик, додека противниците посочија на одредбите за кои велат дека се социјално регресивни, ја ограничуваат слободата на говорот и ќе претставуваат „огромно назадување“ во демократските слободи од падот на авторитарниот лидер Сухарто во 1998 година.
Ревидирањето на кривичниот законик се разгледува од 1945 година, кога Индонезија прогласи независност од Холандија.