Овие избори во Индија се сметаат за најголеми во светската историја, во кои право на глас имале речиси една милијарда граѓани, а 642 милиони луѓе излегле да гласаат
Партијата на индискиот премиер Нарендра Моди води со 39,3 отсто од освоените гласови на парламентарните избори, соопшти денеска тамошната изборната комисија по пребројувањето на четвртина од гласачките ливчиња.
Хинду националистичката партија на Моди и нејзините сојузници, според сегашните податоци, ќе освојат најмалку 281 место, што е повеќе од 272 места, колку што се потребни за неопходното парламентарно мнозинство, пренесува „Гардијан“.

Парламентарните избори во Индија траеја шест недели, од 19 април до 1 јуни 2024 година, а се одржаа во седум фази, за да се изберат сите 543 члена на парламентот на земјата – Лок Сабха. Гласовите се пребројуваат, а официјалните резултати се очекува да се објават во понеделник.
Овие избори во Индија се сметаат за најголеми во светската историја, во кои право на глас имале речиси една милијарда граѓани, а 642 милиони луѓе излегле да гласаат. Излезеноста на овие избори е помала за 1 отсто во однос на 2019 година.
Најголем дел од гласовите се дадени на електронски машини за гласање, кои се користат на изборите во Индија од 2000 година.
Ако победата на Моди биде потврдена, неговата партија ќе триумфира во кампањата на изборите, каде што партиите меѓусебно се обвинуваат за верска пристрасност.
Победниците на општите избори се очекува да формираат нова влада до средината на јуни.