Денеска на обвинителна клупа во случајот „Империја“, покрај Митровски се најдоа Цветан Панделевски и Јованчо Тасковски, односно преостанатите тројца во овој предмет, иако во истражната постапка беа опфатени 19 лица од кои дел во меѓувреме признаа вина и постигнаа спогодби со обвинителството, за дел беше прекината постапката поради застарување, а за дел имаше решенија за неповедување кривична постапка
Третообвинетиот Тасковски, преку неговиот адвокат, побара одложување на постапката на краток временски период поради увид во штетата. Според неговиот адвокат, тој, исто така, се двоуми дали да признае вина или не
Бизнименот Зоранчо Митровски денеска на почетокот на судскиот процес во Основниот кривичен суд Скопје ја призна вината во случајот „Империја“, поради што судот одлучи по однос на овој обвинет да ја раздвои постапката.
Инаку, денеска на обвинителна клупа во случајот „Империја“, покрај Митровски се најдоа Цветан Панделевски и Јованчо Тасковски, односно преостанатите тројца обвинети во овој предмет, иако во истражната постапка беа опфатени 19 лица од кои дел во меѓувреме признаа вина и постигнаа спогодби со обвинителството, за дел беше прекината постапката поради застарување, а за дел имаше решенија за неповедување кривична постапка.
Тројцата обвинети што останаа се товарат за кривичните дела злоупотреба на службената положба и овластување, перење пари и измама.
Главен судија во судечкиот совет во „Империја“ е судијката Васка Николовска-Масевска. Обвинителниот акт го застапува обвинителката Лиле Стефанова.
За разлика од Митровски, обвинетиот Панделевски пред судот рече дека не може да го разбере обвинението и оти не се чувствува виновен за ниту едно од делата што му се ставаат на товар, пренесува државната новинска агенција МИА.
„Јас ова обвинение не можам да го разберам, не се чувствувам виновен“,
рекол тој.
Третообвинетиот Јованчо Тасковски, преку неговиот адвокат, побара одложување на постапката во краток временски период поради увид во штетата.
Според неговиот адвокат, тој се двоуми дали да признае вина или не.
„Се двоуми и да признае вина, и да не признае, поради тоа што се работи за специфичен кривичноправен настан, за кој се работи од 2014 година, односно, со тогашното Специјално јавно обвинителство, при што на мојот клиент му пренесов дека има и трошоци на постапка, а кој не е способен финансиски тоа да го покрие. На господинот Тасковски му е неопходен краток временски период тоа да го консултира и со своите членови на семејството. Затоа бараме од судот да ни овозможи дополнително да се произнесеме“,
рекол адвокатот Мерџан Даути.
Судот го прифатил неговото барање и одлучил постапката да продолжи на 22 март, односно в среда.
Претходно, како што пренесува државната новинска агенција, во своите воведни зборови, обвинителката Лиле Стефанова кажа дека ќе го убеди судот за сторените кривични дела на обвинетите.
Таа истакна дека останува на предлозите од обвинителниот акт во врска со имотната корист, како и сите други предлози дадени во доказите.
Обвинителниот акт против нив ОЈО ГОКК го поднесе на 21 декември минатата година, со кој до судот е доставен и предлог од тројцата обвинети да се конфискува имот во вкупна вредност од 292 333 000 денари или 4 753 382 евра.
„Според опишаните дејствија во Обвинителниот акт, прво и второобвинетиот и веќе едно осудено лице, во периодот од мај до август 2013 година како соизвршители ги искористиле своите овластувања како одговорни лица – членови на Одбор на директори на правно лице и претставници на акционерскиот капитал. Тие заедно, по претходен договор, со умисла помогнати од сведок–соработник на правдата и веќе осудено лице во предметот, прибавиле значителна имотна корист во износ од 4 000 000 евра за три правни лица, а на штета на оштетеното правно лице и 150 малцински акционери. Со намера да го прикријат изворот од казненото дело, прво и второобвинетиот паричните средства ги пренесувале на жиро-сметки на други правни лица“,
беше наведено во соопштението од Обвинителството.
Според ОЈО ГОКК, во периодот од октомври 2013 година до јануари 2014 година двајца сведоци соработници на правдата заедно, како соизвршители со прво и третообвинетиот, со намера за себе и за друг да прибават значителна противправна имотна корист, довеле во заблуда едно физичко и едно правно лице.
„Со цел по пониска цена да ги земат акциите што во друго правно лице ги поседувале оштетената и оштетеното правно лице, лажно прикажувајќи факти ја довеле во заблуда оштетената да преземе дејствија со кои нанела значителна имотна штета од 283 591 535 денари на себе си и правното лице за сметка на акциите што ги поседувале и што биле продадени на физички и правни лица за износ од 433 592 465 денари. Откако со извршување на кривичното дело измама била прибавена корист за правно лице во кое еден од сведоците на правдата бил сопственик и управител, за да ги прикрие парите дека потекнуваат од кривично дело, по основ на позајмици ги пренел на три правни и едно физичко лице, а потоа уделот од правното лице што го поседувал го пренел на трите правни лица на кои им биле дадени позајмици, па откако имотната корист прибавена со кривичното дело им била исплатена како дивиденда од по 107 833 000 денари, правното лице било пренесено на офшор компанија од Белизе и ликвидирано“,
информираа на 21 декември од Обвинителството.
Парите прибавени од кривично дело и исплатени по основа на дивидендата на правното лице каде членовите на семејството на првообвинетиот биле сопственици, за да се прикрие дека потекнуваат од кривично дело по насоки на првообвинетиот и по основа на позајмица биле префрлени 62 000 000 денари на неговата лична сметка, а останатите во износ од 45 833 000 денари правното лице ги пуштило во оптек за плаќање по разни основи.
Меѓу седумтемина осомничени кои добија пресуди откако се спогодија со обвинителството, се и ексдиректор на поранешната Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков и бизнисменот Јордан (Орце) Камчев.
Мијалков со спогодбата доби тригодишна затворска казна и конфискација на имот во вредност од, како што тврдеше тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, 30 милиони евра. Затворската казна наместо во „Идризово“ тој ја издржува во затворот во Струга, кој е од отворен тип, откако непосредно пред издржувањето ја казната ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид.
Покрај тоа, сторијата што неодамна ја објави „360 степени“ покажа дека недвижниот имот на Сашо Мијалков конфискуван во предметот „Империја“ вреди 15 милиони евра, а не 30 милиони.
Спогодбата на Јордан Камчев, откако призна вина, беше да отслужи една година затвор и преку неговите фирми да уплати 5,2 милиони евра во Управата за јавни приходи односно во државниот буџет. Пресудата за „Империја“ му беше споена со онаа во случајот „Плацови на Водно“ со што тој доби вкупно 20 месеци затвор, кои како и Мијалков ги издржуваше во КПД „Струга“ од каде што на слобода излезе на 6 ноември минатата година.