Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тврди дека имало доволно полицајци на синоќешниот протест и покрај критиките од опозицијата дека не бил соодветно обезбеден просторот околу Мавровка, каде помала група граѓани со камења фрлаа кон учесниците на протестот против францускиот предлог, а едно лице извади пиштол и пукаше во воздух.
„Полицијата го спречи инцидентот, и тоа поголем број на полициски службеници. Погледнете ги видеата кои беа објавени од медиумите и од нас. Еве само една слика ќе ви покажам, зар ова не е некој што интервенира на лице место? Не треба да дојде до ова секако, и за да не дојде до ова секој еден граѓанин треба да знае дека мирни протести мора да бидат. На никого не му е дозволено да вади огнено оружје и да загрозува безбедност“,
кажа Спасовски.
На серија новинарски прашања, зошто не се превенираше, зошто не бил обезбеден доволно тој дел од рутата на демонстрантите, дали ќе се понесе одговорност за вчерашниот инцидент, оти самиот министер претходните денови споделуваше сознанија за радикализација, Спасовски продолжи да тврди дека на протестот имало доволно полицајци, согласно нивниот план.
„Државните службеници беа таму и апсолутно работеа. Не може да бараме одговорност од оние кои спречуваат поголем инцидент. Говорам за хиерархиската поставеност комплетно. На основа на сите планови и проценки кои што се направени, таму не се дозволи да има инцидент. Никој не може да знае во одреден момент што ќе се случува“,
изјави Спасовски од Центарот за обука во Идризово и посочи дека најавите за можни инциденти ги соопштува врз основа на оперативни сознанија.
Спасовски вели дека службите разговараат со уапсениот и ги испитуваат мотивите зошто носел пиштол и дали сакал да убие некого, по што ќе бидат соопштени детали.
Во однос на наводите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој вчера прво на фејсбук објави дека лицето со пиштол требало да го убие него, а доцна вечерта и на вонреднaта прес-конференција меѓу другото кажа дека долго време добива закани, но безуспешно пријавувал, министерот Спасовски кажа дека такви пријави во моментот полицијата нема.
„Досега немаме пријава во ниту една полициска станица дека има какви било закани конкретно против Христијан Мицкоски. Имаше моменти за некој период претходно, самиот бараше проценка по безбедноста, му беше доделено обезбедување. После тоа кога заврши таа проценка, нема. Во секој момент може да пријави, ако има каква било закана. Немаме сознанија дека некој сака да посегне по животот на кој било“
кажа Спасовски.
Според МВР, на вчерашниот протест повредени се тројца полицајци, а уапсени се пет лица.