Лидерот на СДСМ во оставка рекол пред сопартијците дека парламентарното мнозинство е стабилно и дека ќе се зголемува во наредниот период
Парламентарното мнозинство е стабилно и засега брои 61 пратеник со тенденција да се зголеми во наредниот период, реферирал лидерот во оставка на СДСМ вечерва пред партискиот Централен одбор, како што соопшти портпаролката на партијата Богданка Кузевска.
Таа, сепак, немаше одговор кој е 61-от пратеник, туку само повтори дека Заев рекол дека мнозинството е стабилно и дека ќе расте.
По неуспешната иницијатива на опозицијата за изгласување недоверба на Владата на Заев, распоредот на сили во парламентот се сведе на 60 – 60, односно Владата, иако го преживеа обидот за нејзино уривање, не го задржа мнозинството од минумим 61 пратеник. Изедначеноста меѓу власта и опозицијата се постигна со останувањето на Кастриот Реџепи, кој влезе во парламентот како претставник на Беса, во владејачкиот табор. На „другата страна“ останаа пратениците од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, од Алијанса за Албанците/Алтернатива и од Левица, како и двајцат пратеници од до скоро владејачката Беса и засега останува неизвесно од кој од овие табори би можел да биде 61-от пратеник, со оглед на тврдењата на Заев пред ЦО дека Владата и во овој момент има мнозинство во Собранието.
Раководството на Алтернатива, која има четворица пратеници, вечерва донесе одлука со која го овласти партискиот лидер Африм Гаши да преговара со Заев и со, како што беше речено, неговиот потенцијален наследник, за влез во Владата. Ако преговорите завршат успешно, парламентарното мнозинство би стигнало до 64 или до 65 пратеници, доколку Владата во овој момент има поддршка од 61 пратеник, како што рекол Заев пред ЦО.
За избор на нова Влада, новиот лидер на СДСМ, како потенцијален иден мандатар ќе треба да обезбеди поддршка од најмалку 61 глас во Собранието. Оваа Влада на Заев беше избрана на крајот на август минатата година со 62 гласа „за“.