Откако со месеци го најавуваше, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го поднесе предлог законот за амнестија за настаните од 27 април. Како што со месеци велеше, власта експресно го одби тој предлог. И покрај тоа, предлогот на опозицијата не е без значење бидејќи доаѓа во период кога премиерот Зоран Заев почна да говори за „помирување“. Така на настаните гледа и универзитетската професорка Беса Арифи. Но, таа инсистира на разлика меѓу амнестија и помирување.
-Мислам дека и самиот тој процес на помирување значи и најпрво прифаќање на вината и на одговорноста за тоа што се случи на 27 април. Објаснување на сите страни и елементи на тоа што се случи тој ден и после тоа може да се разговара за некои елементи коишто би ја олесниле вината или пак санкцијата за тоа дело. Меѓутоа ваква општа амнестија за сето тоа што се случи на 27 април по мене е невозможна и неприфатлива бидејќи повеќе ќе штети на демократскиот процес отколку што ќе има придовки од истиот.
-Дали постои некаков праг на толеранција што општествено би бил прифатлив?
-Тешко е да се воспостави праг на толеранција, особено кога се работи за терористичко загрозување на уставниот поредок. Ние веќе сме во напредни фази на судскиот случај во врска со 27 април. Обвинението беше значи оценето првично од страна на судот и веќе сме во, како што кажав, во напредна фаза на случајот. И сепак, тоа обвинение остана како такво, квалификацијата остана како таква досега. Сега, како ќе воспоставите праг на толеранција кога се зборува за дело кое вклучува тероризам? Ако воспоставите таков праг на толеранција има и друго дело на терорирзам за коешто други лица беа осудени за кумановските настани. Доколку се прави една таква толеранција во овој случај а не се прави во друг случај, пак ќе се сведеме на тие меѓуетнички обвинувања дека кога се Албанците во прашање на нив построго им се суди и така натаму, во однос на етнички Македонци коишто би можеле да бидат, како да кажам, амнестирани од вакви случаи. Самото обвинение беше знак дека можеби веќе е дојдено време кога вакви тешки кривични дела ќе се казнуваат без разлика кој е сторител на истите и затоа мислам дека е многу тешко да се воспостави било каков праг.
Арифи направи и првична анализа на содржината на предлог законот со кој се бара амнестија не само за тие што се осудени и за оние на кои во моментов им се суди, туку и на осомничените лица. Кои се тие осомничени лица, јавно не е познато. Она што е познато е дека обвинителството подолго време води предистражна постапка за т.н. нарачатели на насилството на 27 април. Преведено, ВМРО-ДПМНЕ бара ослободување од кривичен прогон и за тие лица. Професорката Арифи сепак забележува дека амнестијата предложена од опозицијата можеби не се однесува на сите инволвирани во тие настани.
-Се гледа дека амнестијата ќе се однесува на точно набројани кривични дела. Тоа го кажаа и во нивната прес-конференција ВМРО-ДПМНЕ како предлагач на овој законот. Од тоа што е напишано во предлог законот се работи за четири таксативно набројани кривични дела. Учество во толпа којашто ќе изврши кривично дело, учество во толпа што ќе се спречи службено лице во извршување на своето дејствие, насилство и терористичко загрозување на уставниот поредок. Многу е интересно што во оваа група на кривични дела не се спомнува таксативно, не се набројува и обидот за убиство, делото за кое се обвинуваат лицата кои го нападнаа Зијадин Села во Собранието. Дали е тоа така намерно направено или пак е испуштено со цел да не биде дел од таа амнестија тоа треба дополнително да се објасни од страна на предлагачите на законот. Меѓутоа, како факт, може да се види од самиот текст на овој предлог закон.
Откако ВМРО-ДПМНЕ го презентираше предлог законот, 360 степени ги праша и граѓаните – треба ли да има амнестија за 27 април.
-Треба да се амнестираат луѓето, така мислам. Има многу неправилности што се одвиваат таму. Сакам да кажам и тежина на нив и тежина на фамилиите и се.
-Не е прифатливо. Само целосна примена на законот и ништо друго. Ако сакаме да одиме во ЕУ и во алијанса со НАТО и со ЕУ, тогаш треба примена на законот, треба казна за криминалот.
-За иднината, да биде подобро за младите, нека биде и тоа.
-Апсолутно не. Се знаат причините и последиците. Тоа се подразбира. Не треба многу филозофирање. Апсолутно, амнестија не треба за никого. Ако сакаме правна држава.
-За организаторите треба да има казни, треба затвор, така треба. Ако некој политичар има криминални дела тој треба да сноси одговорност и да се казни.
-Може да се прости секогаш. Добро е да се прости.
-Па мислам дека е погрешно. Затоа што, некој ако направил некој прекршок треба да одговара пред законот.
-Тој што направил криминал треба да одговара за тоа. Може да се помилува за некои ситни грешки, но за големите- никако и никогаш.
-Па да бре. Нека има помирување. Нека има амнестија, не е ништо лошо.
Дури и амнестијата да поминува кај дел од граѓаните, таа многу потешко ќе помине кај меѓународниот фактор. Одговорност за настаните од 27 април е една од домашните задачи кои македонија ги доби на јунскиот совет на еу, како услов за почеток на преговорите за членство.
-Советот на ЕУ ја повторува важноста од продолжувањето на воспоставување правна одговорност за злоупотребите изнесени во јавноста со прислушуваните разговори од 2015 година и на неуспешните механизми за надзор, како и дека мора да се утврди одговорноста за упадот во Собранието на 27 април 2017 година.
Против амнестија е и американската администрација, но треба да се забележи дека шефот за Балканот во Стејт департментот Метју Палмер, минатиот понеделник покажа разбирање за процесот на помирувањето.
-Тоа што јас го слушнав од премиерот е дека тој зборуваше за помирување, што е различно од амнестија. Мислам дека ќе има потреба да се балансира помирувањето со одговорноста. Процесот на изнаоѓање на тој баланс е политички процес за кој е одговорно лидерството на Македонија, за земјата да оди напред. Важно е тој процес да ги земе во предвид европските стандарди во однос на тоа дека македонските аспирации се да се започнат пристапните преговори со ЕУ, земјата да се движи кон членство во ЕУ. Тој процес бара јасна посветеност на владеењето на правото. Убеден сум дека може да се најде соодветен баланс. Не е на САД да одреди точно тој баланс или како тој процес треба да изгледа, но постои процес кој веќе е почнат во парламентот за да се дебатираат овие прашања и да се изнајде конструктивен начин да се продолжи напред – рече Палмер.
Премиерот Заев во денешната изјава во која предлогот на ВМРО-ДПМНЕ го оцени за обид за дерогирање на правниот систем на државата, сепак, спомна изнаоѓање механизми за спроведување на помирувањето во рамки на националното координативно тело што треба допрва да се формира. Но, кои се тие механизми кои ем нема да влијаат на судскиот систем ем ќе ги задоволат најмалку обвинетите пратеници, останува нејасно.
Напишете коментар