Извештаи за сериозна владина корупција, недостиг на одговорност за родово и семејно насилство, нечовечко постапување и тешка пренатрупаност во одредени затворски одделенија, закани и насилство кон припадници на ЛГБТИ-заедницата, но и врз новинарите
Ова се дел од главните забелешки за состојбата со човековите права во Северна Македонија од 2022 година, објавени во најновиот извештај од Стејт департментот.
Корупција и недостиг на транспарентност во Владата
Во четвртата точка од извештајот насловена како „Корупција и недостаток на транспарентност во Владата“, се наведува дека иако власта главно ги спроведувала законите кои предвидуваат казнивост за корупција од страна на државни службеници, сепак, и во 2022 година постојат извештаи за функционери што подлежат на коруптивни дејствија.
„Владата останува најголемиот работодавач во земјата, а невладините организации изјавија дека доминантната улога на владата во економијата создава можности за корупција. Јавните анкети постојано ја наведуваа корупцијата како една од главните грижи за граѓаните“,
се посочува во извештајот на Стејт департментот.
Во оваа насока се наведува бројот на претставки кои ги примила, но и предмети по кои постапила Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а кои пред сè, се однесуваат на јавните набавки, катастарската управа, судството и здравствениот сектор.
Дополнително, во оваа точка од извештајот се потенцира дека минатата година се продолжени, но и завршени судења кои вклучуваат сериозна корупција, вклучително и против поранешни владини функционери.
Тука се наведени пресудите во отсуство на експремиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како и пресудите на Сашо Мијалков и Јордан Орце Камчев, но и нивниот престој во затворот од отворен тип во Струга.
Владата не секогаш ја почитувала судската независност
Владата не секогаш ја почитувала судската независност и непристрасност, иако Уставот предвидува автономност и независност на судовите, наведува Стејт департментот во една од потточките од првиот дел од извештајот насловен како „Почитување на интегритетот на личноста“.
Се додава дека случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството продолжуваат да ја попречуваат ефикасноста на судот и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.
„Според Судскиот совет, екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција. Судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат стапување на сила на статутот на застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; судиите за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание; и конфликт на интереси во комбинација со непотизам“,
се наведува во извештајот.
Се потенцира дека судовите работеле со значително доцнење, особено во случаите на корупција од висок профил и повеќе обвинети лица. Се додава дека според граѓаните, граѓанските организации и правните аналитичари, правосудниот систем во Северна Македонија бил пристрасен во корист на повеќе обвинети од висок профил.
Во овој контекст е споменато најниско измереното ниво на доверба во правосудниот систем од независноста на земјата, односно само четири отсто.
Слобода на изразување на медиумите
Во вториот дел од извештајот под наслов „Почитување на граѓанските слободи“, меѓу другото, се става фокус и на слободата на изразување, вклучително и на медиумите.
Се наведува дека Владата генерално ја почитувала медиумската слобода на изразување, но наспроти тоа е наведено и незадоволството од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) кое смета оти власта не презела конкретни мерки за санкционирање на кршењата на правата на новинарите и заштита на нивната безбедност.
Се додава дека во текот на 2022 година имало случаи на наводни закани и малтретирање на новинари.
„Заклучно со 15 август, ЗНМ има добиено осум поплаки од новинари, меѓу кои и полициски распити на новинари за ‘информативни интервјуа’, спречување новинари да ја извршуваат својата должност, закани и навреди добиени додека се на должност и несоодветно однесување на функционери од централна и локална власт или членови на политичките партии“,
се вели во извештајот.
Стејт департментот во извештајот се повикува и на истражувањето на Платформата за истражувачко новинарство и аналитика, во кое се наведува оти 80 отсто од анкетираните новинарки често биле цел на онлајн вознемирување, вклучително и закани и онлајн малтретирање, а дека во повеќето случаи малтретирањето било поврзано со сториите што ги објавувале тие новинари.
Во делот од извештајот за слободата на интернет, пак, се вели дека Владата не го ограничува или нарушува пристапот до интернет и не цензурира онлајн содржини, а нема ниту веродостојни извештаи дека ги следела приватните онлајн комуникации без соодветно законско овластување.
Владата не секогаш го почитувала правото на штрајк и колективно договарање
Владата и работодавачите не секогаш ја почитувале слободата на здружување, правото на штрајк и правото на колективно договарање, иако законот го обезбедува правото на здружување на работниците, се наведува во делот од извештајот на Стејт департментот со наслов „Права на работниците“.
„Синдикатите ја наведоа одредбата за ‘исклучување’ на законот, која им дозволува на работодавачите да прекинат до 2 отсто од работниците од преговорите за колективно договарање за време на штрајк. Колективното договарање е ограничено на синдикатите кои претставуваат најмалку 20 проценти од вработените и здруженијата на работодавачи кои претставуваат најмалку 10 проценти од работодавачите на нивото на кое е склучен договорот (компанија, сектор или земја)“,
се посочува во извештајот.
Стејт департментот додава дека претставници на синдикатите, освен на неколку гранковни синдикати тврделе дека генерално не се ослободени од влијанието на владините функционери, политичките партии и работодавачите.
Во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права во земјава во 2022 година дополнително фокус се става и на почитување на граѓанските слободи, почитување на интегритетот на личноста, слобода во учество во политичкиот процес, дискриминација и социјални злоупотреби, права на работниците и владин став кон меѓународна и невладина истрага за наводни злоупотреби на човековите права.
Интегралното резиме од извештајот за човековите права во Северна Македонија во 2022 година, објавен од Стејт департментот, може да го прочитате на следниот линк.
