Американскиот магазин „Форбс“ го процени богатството на Маск на 431,2 милијарди американски долари, додека фирмата за финансиски услуги „Блумберг“ соопшти дека тоа изнесува приближно 447 милијарди долари
Технолошкиот магнат Илон Маск стана првиот човек чие богатство, според „Форбс“ и „Блумберг“, е проценето на повеќе од 400 милијарди долари, пренесуваат светските агенции.

Богатството на Маск, како што се наведува, главно се состои од неговите удели во производителот на електрични автомобили „Тесла“ и компанијата „Спејс икс“.
Американскиот магазин „Форбс“ вчера го процени богатството на Маск на 431,2 милијарди американски долари, додека фирмата за финансиски услуги „Блумберг“ соопшти дека тоа изнесува приближно 447 милијарди долари.
Од претседателските избори во САД на почетокот на ноември, богатството на 53-годишниот технолошки магнат значително се зголеми, барем на хартија, главно со порастот на акциите на компанијата „Тесла“. Инвеститорите шпекулираат дека оваа компанија ќе има корист од моменталната блискост на Маск со новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп.
Маск, кој е роден во Јужна Африка, а сега е американски државјанин, го поддржа Трамп со милиони долари во донации за време на изборната кампања и ќе биде дел од новата администрација во Белата куќа, како раководител на одделот за ефикасност, заедно со поранешниот републикански претседателски кандидат Вивек Рамасвами.
Меѓу компаниите кои се дел од „високотехнолошката империјата“ на Маск се и платформата „Икс“, компанијата за развој на вештачка интелигенција „Икс-еј-ај“ (xAI) и компанијата за мозочни импланти „Неуралинк“ (Neuralink).
На второто место, според богатството, е основачот на „Амазон“, Џеф Безос, чие богатство се проценува на повеќе од 240 милијарди американски долари.