Експратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, денеска со отворено писмо му се обрати на претседателот Стево Пендаровски, повикувајќи го да не го потпишува Законот за попис. Димовски смета дека шефот на државата како авторитет, мора да преземе конкретни дејствија за да спречи Закон за кој нема минимален консензус.
„Во Македонија, институциите, (во случајов ДЗС) се уште не располагаат со доверба како од граѓаните, така и од политичките партии (во опозиција), дека се способни да извршат определен сложен процес без никакво политичко влијание. Токму затоа е потребен политички консензус кој само Вие, во оваа фаза можете да го обезбедите. Во периодот кога се водеа преговорите за Законот за попис за 2020 година имаше повеќе разлики. Власта не прифати и се уште не покажува подготвеност да прифати ниту една, како на пример да се попишува само резидентно население, а во процесот да бидат вградени бројни контролни механизми на градење доверба“,
пишува Димовски.
Димовски обвинува дека предлог – законот не е воопшто по стандарди на Обединетите нации, ЕУ и Еуростат.
„За поздравување е вклучувањето на базите на податоци при вкрстувањето на податоците, но гласно го поставувам прашањето зошто е испуштена најобемната и според мене најверодостојна база на податоци на резидентно население која ја има Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ). Ова пропуштање зрачи со затскриени намери. Од горенаведените причини како Претседател на Република Македонија во рамки на своите надлежности Ве повикувам Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2021 година да не го потпишете без претходно да направите консултации со лицата кои ќе го спроведуваат процесот (ДЗС), претставници од владејачкото мнозинство, претставници од опозицијата, но пред се луѓето кои биле дел од пописите одржани во минатото. Пописот од 1991 година е со нецелосен опфат и затоа во 1994 година се спроведе повторен попис (прв од осамостојувањето). Пописот од 2002 година е последниот спроведен и до ден денес е оспоруван легитимитетот на истиот. Пописот од 2011 година не се заврши. Поучени од минатото, да ја градиме иднината, а без податоци, не можеме да планираме….
Во поглед на европското знаме кое се употребува во носењето на законот и опфататот на населението кое ќе се попишува, би било добро да истражите кој земји членки на ЕУ ги попишуваат и државјаните кои се надвор од државата подолго од една година. Нема такви. Се попишува населението, а не државјаните. Впрочем, и денес точно знаеме колку државјани има Република Македонија, но не знаеме колкаво население живее во државата.На самиот крај, и Ваша е одговорноста ако пописот доведе до дополнителни поделби по различни основи во општеството. Претендираме да сме дел од Европската унија и затоа ни се потребни кредибилни податоци добиени на попис според стандардите на Обединетите нации, ЕУ и Евростат, а не методи на сила на мнозинство врз опозиција.Почитувани Претседателе, бидете Претседател. Граѓаните ќе знаат да го почитуваат тоа. Не потпишувате Закон за попис за кој нема функционален и минимален консензус“,
повикува Димовски.