Преку советувалиштето, кое почнува со функција од понеделник, ќе се обезбедува стручна поддршка за деца, тинејџери, родители и наставници, а услугите ќе бидат достапни со упат од матичен лекар и преку системот „Мој термин“. Целта, вели директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, е децата, тинејџерите, но и нивните родители, преку работа со стручни лица да ги надминат сите бариери и предизвици со кои се соочуваат
Во рамките на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска беше отворено психолошко советувалиште за деца и за адолесценти, прво од ваков вид во државата. Советувалиштето ќе обезбедува стручна поддршка за деца, тинејџери, родители и наставници, а услугите ќе бидат достапни со упат од матичен лекар и системот „Мој термин“.

Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска, рече дека целта на отворањето вакво советувалиште е децата, тинејџерите, но и нивните родители, преку разговор и работа со стручни лица да ги надминат сите бариери, емоционални, семејни и училишни предизвици со кои се соочуваат.
„Ќе се водат разговори, ќе се даваат насоки, и тоа не само за надминување на проблемите, туку и за понатамошен емоционален развој, за комуникациски вештини и надминување на сите оние бариери со кои се сретнуваат децата во текот на животот во предучилишна возраст, во училишна возраст и малку кај постарите“,
рече Андоновска.
Министерот за здравство Азир Алиу порача дека со отворањето вакво советувалиште се започнува нов пристап кон менталното здравје на најмладите. Обврска на системот, додаде тој, е да препознава, поддржува и интервенира навреме и да не ја стигматизира темата за менталното здравје.
Советувалиштето за психолошка поддршка на деца и адолесценти во рамките на Институтот за јавно здравје ќе биде во функција од понеделник.
