Дурловски, кој исто така е музичар, не одговори на повиците и на прашањето – од кои причини порачува дека „знае каде нема да биде на 5 август“
Употребата на новото уставно име на државата – Република Северна Македонија, за време на државната прослава за Илинден, донесе низа навредливи коментари и повици за бојкот на утрешниот концерт на музичарот Влатко Стефановски во Антички театар во Охрид.
Меѓу оние што јавно упатија коментар е и оперскиот пејач, Игор Дурловски, кој е и поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и лидер на протестите што кулминираа со насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.
„На 5 август знам каде нема да бидам“,
напиша Дурловски на „Твитер“, споделувајќи го најавниот плакат за утрешниот концерт.
Иако Дурловски не пишува конкретно зошто не сака да биде на концертот на Стефановски, тој го пласира коментарот во период кога дел од корисниците на социјалните мрежи бурно реагираа на употребата на уставното име од познатиот музичар.
Дурловски денеска не одговори на нашите телефонски повици, а од кои причини го напишал ваквиот коментар, не одговори ниту на СМС-пораката што му ја испративме.
Стефановски, пак, не сака да коментира за повиците за бојкот што се појавија на социјалните мрежи.
Тој беше еден од уметниците кои на 2 Август настапија на централната свеченост на Мечкин Камен во Крушево, која ја организираше претседателот Стево Пендаровски. За време на неговиот настап на свеченоста што се пренесуваше и на јавниот сервис, тој се обрати кон присутните и во честитката го употребни новото уставно име.
„Присутни дами и господа, дозволете да Ви го честитам празникот Илинден 2021, да посакам на нашата Република Севрна Македонија голем успех, просперитет и углед во светот“,
рече Стефановски на прославата.
Концертот на Влатко Стефановски Трио е закажан за утре во Античкиот театар во Охрид. Под отворено небо, виртуозот на гитара треба да настапи со неговиот син Јан Стефановски и со Иван Кукиќ, а организатори на концертот се „Баги комуникации“.