Трамп потврди дека натамошните разговори со украинските лидери ќе се одржат за време на Минхенската безбедносна конференција в петок, кои од американска страна ќе ги водат потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио
„Никој не сака мир повеќе од Украина. Заедно со Соединетите Држави ги правиме следните чекори за да ја запреме руската агресија и да обезбедиме траен, сигурен мир“, изјави Зеленски на социјалните мрежи по разговорот со Трамп
По објавата во која информира за телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, шефот на Белата куќа, Доналд Трамп, соопшти дека разговарал и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
За разговорот со Зеленски, американскиот претседател, исто како и за оној со Путин, информира преку својата социјална мрежа Трут соушл (Truth social), наведувајќи дека разговорот со украинскиот лидер поминал „многу добро“.
Инаку, дека ќе разговара со украинскиот претседател, Трамп најави во објавата за неговиот разговор со Путин.
Според него, и Зеленски, како и Путин, е за постигнување мир во Украина.
Трамп потврди дека натамошните разговори со украинските лидери ќе се одржат за време на Минхенската безбедносна конференција в петок, кои од американска страна ќе ги водат потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио.
„Штотуку разговарав со претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Разговорот помина многу добро. Тој, како и претседателот Путин, сака да постигне мир. Разговаравме на различни теми поврзани со војната, но најмногу за средбата што ќе се одржи в петок во Минхен, каде што (американската делегација) ќе ја предводат потпретседателот Џеј-Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио. Се надевам дека резултатите од таа средба ќе бидат позитивни. Време е да се запре оваа смешна војна, каде што има масовни и тотално непотребни смрт и уништување. Господ да ги благослови народите на Русија и Украина!“,
напиша Трамп на својата социјална мрежа.
По разговорот со американскиот претседател, на социјалните мрежи се огласи и украинскиот претседател Володимир Зееленски, кој напиша дека со Трамп разговарале за „можностите за постигнување мир“ и дека заедно со САД работат на исцртување на нивните следни чекори за запирање на руската агресија и обезбедување траен и сигурен мир во Украина.
Двајцата, како што наведува Зеленски, се согласиле да останат во контакт и да ги планираат идните состаноци и разговори.
„Имав значаен разговор со претседателот на САД. Долго разговаравме за можностите за постигнување мир, разговаравме за нашата подготвеност да работиме заедно на тимско ниво и за технолошките капацитети на Украина – вклучувајќи беспилотни летала и други напредни индустрии. Благодарен сум му на претседателот Трамп за неговиот интерес за она што можеме да го постигнеме заедно“,
вели Зеленски.
Тема на разговор, според Зеленски, била и неговата дискусија со американскиот министер за финансии Скот Бесент и подготовката на нов документ за безбедност, економска соработка и партнерство со САД во врска со природните ресурси на Украина.
Во објавата, Зеленски вели дека американскиот претседател со него споделил детали од разговорот со рускиот претседател Владимир Путин.
„Никој не сака мир повеќе од Украина. Заедно со Соединетите Држави ги правиме следните чекори за да ја запреме руската агресија и да обезбедиме траен, сигурен мир. Како што рече претседателот Трамп, ајде да го завршиме тоа. Се договоривме да одржуваме понатамошен контакт и да ги планираме претстојните состаноци“,
вели Зеленски.
I had a meaningful conversation with @POTUS. We long talked about opportunities to achieve peace, discussed our readiness to work together at the team level, and Ukraine’s technological capabilities—including drones and other advanced industries. I am grateful to President Trump… pic.twitter.com/2SIOTX3jEp
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) February 12, 2025
Американскиот претседател денеска на својата социјална мрежа Трут соушл (Truth Social) објави дека имал долг и многу продуктивен телефонски разговор со неговиот руски колега Владимир Путин, во кој, меѓу другото, се согласиле „веднаш“ да започнат со мировни преговори за Украина.
Инаку, ваквиот развој на настаните доаѓа само неколку часа откако американскиот министер за одбрана Пит Хегсет на состанокот на Контакт-групата за поддшка на Украина во седиштето на НАТО во Брисел им рече на европските лидери дека САД веќе не се „примарно фокусирани“ на европската безбедност, како и дека враќањето на предвоените граници на Украина е „нереално“.