Сè повеќе се шири новиот подвид на ковид-19, за кој научниците стравуваат дека за 10-15 отсто е позаразен од делта-сојот и ќе стане доминантен во светот
Русија пријави неколку инфекции со новата варијанта на ковида-19, означена како AY.4.2, за која се верува дека е позаразна од делта-сојот, објави РИА новости цитирајќи изјава на руски научник, пренесува Н1.
Можно е варијантата AY.4.2 да се шири многу побрзо, рече шефот на научната група за развој на нови методи за дијагностицирање човечки болести на Централниот научно-истражувачки институт на Федералната служба за заштита на потрошувачите и здравјето на луѓето (Роспотребнадзор), Камил Хафизов.
„Варијантата AY.4.2“ на делта-сојот веќе е откриена во Русија во изолирани случаи, покажаа резултатите од секвенционирањето на геномот на коронавирусот SARS-CoV-2 зачуван во базата на податоци ‘VGARus’. Во некои кругови, новата варијанта се нарекува делта плус, но тоа име порано се однесуваше на друг вид и затоа сега постои одредена конфузија“,
објасни Хафизов.
Тој предупреди на „прилично голема веројатност“ дека новата мутација AY.4.2 ќе се прошири низ Русија и светот.
„Фреквенцијата на овој подтип се зголемува, но експертите веруваат дека тој не е одговорен за секојдневниот континуиран голем број нови инфекции во различни земји“,
рече Хафизов.
Тој не ја отфрли можноста овој подтип на делта-сојот да предизвика дополнително зголемување на ширењето на инфекцијата.
Хафизов нагласи дека само вакцинацијата може да помогне во борбата против овој нов подтип, особено оние кои сè уште не биле заразени со ковид-19, пренесува руската новинска агенција.
Според британските научници, новата мутација на коронавирусот AY.4.2 би можела да биде за десет до 15 проценти позаразна од делта-сојот.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин го одобри владиниот предлог, почнувајќи од 1 ноември, наредните седум дена да бидат неработни, откако бројот на починати ширум Русија во средата достигна нови рекорд со 1 028 смртни случаи и 34 073 нови инфекции.
Ројтерс потсетува дека варијантата AY.4.2 е веќе откриена во Велика Британија и во неколку други европски земји, а Израел во средата објави дека на нејзина територија бил откриен првиот ваков случај.