Пред пет дена во Ресен беше регистриран првиот случај на ковид-19, а заклучно со денешните бројки досега биле откриени вкупно 25 случаи од кои активни се 24, а еден е починат.
Министерот Венко Филипче, зборувајќи за овој град, рече дека првите дијагностицирани се од семејна прослава, а локалниот кризен штаб во договор со фабриките одлучи тие привремено да бидат затворени, па околу 600 лица нема да одат на работа.
„Во Ресен сосем е соодветна ваквата одлука, со оглед на тоа што може во рамки на тие работни простории да има трансмисија на вирусот. Станува збор за 20-ина дијагностицирани лица и практично жариштето е од еден семеен настан. Повторно се сведуваме на нешто што целиот изминат период се препорачува да се избегнува, каде што немало ни дистанца ни носење на маски. Така што, од еден кластер се сите тие контакти. Од еден кластер се сите тие контакти“,
рече Филипче.
За одлуки од локалниот кризен штаб информираше и градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски, кој рече дека очекува зголемен број на заразени.
„Во текот на денешниот, како и утрешниот ден, очекувам бројот на заболени да се зголеми, како резултат на земените тестови по што очекувам стабилизирање на состојбата. По направените разговори со претставници на најголемите индустриски капацитети во Преспа, ’Свисслион-Агроплод’, ‘Хатекс’ и ‘Стењетекс’, договорено е погоните во овој период да бидат затворени, со што максимално би се намалиле контактите, групирањето и движењето на луѓето. Уште еднаш упатувам апел сите жители на општината да се придржуваат до мерките, да нема групирање, да се носат маски и да се држи растојание од најмалку две метри“,
соопшти градоначалникот.
Семејните прослави беа причина за ширење на коронавирусот и во неколку други кластери во државата, меѓу кои и мекици во Охрид и свадба во скопско Нерези.