Во бугарскиот главен град Софија и синоќа продолжија протестите против владата на премиерот Бојко Борисов.
Повеќе од 3 000 луѓе излегоа пред владината зграда и скандираа „Мафија“ и „Оставка“, а помали протести имало и во десетина други градови во Бугарија.
Протестите се одржаа четврти ден по ред, а почнаа откако во четвртокот државниот обвинител Иван Гешев издаде наредба за претрес во кабинетот на претседателот Румен Радев и за приведување на двајца негови соработници осомничени за тргување со влијание.
Радев е од редовите на спротивниот политички табор на Борисов на бугарската политичка сцена. Тој стана претседател во 2016 година, поддржат од Социјалистичката партијата и отворено ја критикува Владата и ја обвинува за корупција, невладеење на правото и цензурирање на слободата на говор.
Во соседството шест дена протести против власта има и во Белград. Таму изминатите денови можеше да се види и насилство во судирите меѓу полицијата и демонстрантите. Првично, протестите започнаа откако претседателот Александар Вучиќ најави враќање на полицискиот час во земјата поради ситуацијата со коронавирусот.