Од Град Скопје, пак, вчера рекоа во моментов се работи на вештачење на состојбата на мостот за да се утврди дали воопшто има структурно оштетување на мостот, по што ќе се направи проценка дали во наредните денови ќе се врати во употреба веднаш, или, пак, ќе има каква било интервенција

Двете најголеми партии во Советот на Град Скопје – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, бараат седница на која ќе се расправа за состојбата со мостот „Беласица“ кај Железничката станица, а кој по пожарот пред една недела беше затворен за сообраќај со што настана сообраќаен хаос во градот.
Советничката Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ вечерва во емисијата „Вин-вин“ на Телма ТВ рече дека деновиве јавноста е сведок на префрлање на топката за тоа кој е одговорен за санацијата, а нејзината партија, вели, ги нема потребните информации ниту од владините институции ниту од Град Скопје. Затоа, побарале да има седница на Советот.
„Ние како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска поднесовме барање т.е. иницијатива до Градот Скопје за свикување на седница или поставување на точка на дневен ред во најбрзо можно време да се разгледа и да ја добиеме информацијата за брза санација на мостот. Или пак да ни се даде информација од којашто би произлегле идните решенија како би можеле да придонесеме сето тоа да се среди“,
рече Андоновска.
И координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева, порача дека е седница, но според неа, не редовна туку вонредна седница за мостот и на истата треба да се донесат заклучоци и да се дадат задолженија на градоначалничката Данела Арсовска.
Арсовска претходно рече дека не зависи од Градот кога мостот ќе биде функционален и кажа дека ги чекаат извештаите од другите институции алудирајќи ги Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Министерството за внатрешни работи (МВР).
Министерот за внатрешни, Оливер Спасовски, пак, порача дека испитувањата за тоа дали пожарот придонел за намалување на статиката на мостот не е надлежност на МВР.
Во меѓувреме, во јавноста експерти и професори од Градежниот факултет, излегоа со изјави дека можеби мостот ќе биде затворен и подолг период, а од Град Скопје, пак, возвратија да не се шират информација. Како што посочија во соопштение испратено до медиумите вчера, во моментов се работи на вештачење на состојбата на мостот со цел утврдување дали воопшто има структурно оштетување, по што ќе се направи проценка дали во наредните денови ќе се врати во употреба веднаш, или, пак, ќе има каква било интервенција пред да се стави во употреба.