Централниот регистар го избриша Здружението откако министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис Трети во називот на Здружението од Охрид

Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид е избришано од Централниот регистар.
Централниот регистар го избриша Здружението откако министерот за правда Кренар Лога го потпиша решението за неусогласеност врз основа на добиеното негативно мислење од Комисијата за употреба на имиња на личности за употреба на името Цар Борис Трети во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид.
Од Министерството за правда рекоа дека постапуваат согласно одредбите од Законот за здруженија и фондации, притоа земајќи го предвид и мислењето на Комисијата за имиња на личности.
Минатата недела Комисијата за употреба на имиња на личности на седница даде негативно мислење за употреба на името на цар Борис Трети во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ од Охрид. Оттаму сметаа дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество.
Во образложението, Комисијата наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно е потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со третиот рајх и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.
Минатиот месец и бугарскиот културен центар „Иван Михајлов“ во Битола беше избришан од Централниот регистар откако министерот за правда Кренар Лога го одби како неосновано барањето на бугарското здружение во Битола за употреба на името Иван Михајлов во својот назив.
Ваквата одлука Лога ја втемели на претходно добиеното негативно мислење од страна на Комисијата за употреба на имиња и личности во врска со барањето за употреба на името Иван Михајлов, поднесено од страна на здружението Културен центар ,,Иван Михајлов“ – Битола.
Во образложението од Правда за ваквата одлука, тогаш беше наведено дека името на Иван (Ванчо) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ, со оглед на тоа што се работи за личност блиска со фашистичката идеологија, која со своето дејствување ги негирала македонскиот идентитет, јазик и култура, притоа предизвикувајќи омраза во македонското општество.
Бугарските клубови „Иван (Ванчо) Михајлов“ од Битола и „Цар Борис Трети“ од Охрид заклучно со 16 февруари годинава требаше да поднесат барање до Централниот регистар за смена на своите имиња, согласно измените во Законот за фондации и здруженија.
Законските измени, според кои овие два клуба требаше да поднесат барање за смена на своите имиња, предвидуваат забрана граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл.
Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако ќе донесе одлука министерот за правда.