На територијата на цела Србија е прогласена вонредна состојба, информираше српскиот претседател Александар Вучиќ по вечерашниот состанок со Кризниот штаб.
„Србија е во војна со опасен противник кој мора да го победиме. Борбата што претстои е борба за нашите родителите, но и за иднината на нашата држава. Нашите родители кои ги изградија нашите градови и направија се што имаме денес, тие се нападните и мора да направиме се за им помогнеме“,
изјави Вучиќ.
Вонредната состојба следува откако бројот на заболени од коронавирусот се искачи на 48, од кои две лица се ставени на респираторни машини.
Вучиќ најави ограничувања на движењето на граѓаните и апелираше да не излегуваат од дома постарите лица.
Сите кои влегуваат во Србија задолжително ќе мора да поминат 14 дена во самоизолација, а оние патници кои дошле од ризичните подрачја ќе бидат во изолација 28 дена.
Српскиот претседател потенцира дека полицијата ќе патролира и ќе ги контролира домовите на сите кои се во самоизолација, а војската ќе ги чува болниците во кои има заболени од коронавирусот.
“Кој нема да ја почитува изолацијата ќе добие три години затвор“,
најави Вучиќ.
Претходно српската влада ја прекина училишната настава, ги забрани јавните собири и ги ограничи цените на основите прехранбени производи и заштитната опрема. Сега дополнително се забранува и работата на рестораните, кафулињата и трговските центри. Забранети се и јавни собири во затворени простории со повеќе од 50 луѓе, а ќе се реорганизира и работата на државните институции.