И новиот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, како и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, на средбите со претседателот Стево Пендаровски и премиерот Оливер Спасовски вечерва во Скопје, рекол дека работи на стратегија за Западен Балкан која, меѓу другото, има за цел земјите членки на ЕУ во март да донесат одлука за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија. За земјава, според пренесеното од Мишел, нема задршки, но за Албанија има неколку држави кои се уште се воздржани, па тој работи да ги убеди за да се донесе одлука за двете држави во пакет.
На прес-конференцијата по состанокот со претседателот Пендаровски, Мишел рече дека неговата посета носи порака дека судбината на земјава е европска.

„Мојата намера и намерата на Европскиот совет е во март да ја продолжиме дебатата за ова“, рече Мишел, кој очекува тешки политички разговори на состанокот на лидерите на ЕУ на 26 март.
Мишел најави дека на колегите во Европскиот совет ќе им предложи стратегија заснована на три столба.
„Првиот столб е следните недели и месеци да се фокусираме на реформа на моделот на проширување и негова модернизација. Вториот столб ќе биде повторно поставување на прашањето за Северна Македонија и Албанија пред Европскиот совет, бидејќи свесен сум колку е направено во реформите и колку треба да продолжат за да се оди по патот кон ЕУ. И третиот столб е ЕУ да донесе стратегија за инвестиции и за раст на Западен Балкан“, рече Мишел.
На средбите во Скопје, тој рекол дека лично е целосно посветен на проширувањето и иако процесот не е популарен, ќе работи на постигнување единство на државите членки за ова прашање. Пред евентуална одлука за Скопје и Тирана во март, очекува реформа на методологијата за пристапните преговори. Од земјава, пак, покрај продолжување на реформите, се очекува целосно спроведување на договорите со Грција и со Бугарија за да се одржи ентузијазмот кај државите членки на ЕУ за одлука.
Пендаровски и Спасовски очекуваат старт на преговорите што поскоро
Претседателот Пендаровски му се заблагодари на Мишел што уште на почетокот на мандатот јавно се произнесе со поддршка за отпочнување на пристапните преговори.
„Се надеваме дека многу скоро, уште во март оваа година, ќе биде усвоена новата методологија за водење на пристапните преговори и дека наскоро ќе има позитивни вести за нашата европска интеграција. Како што Ви истакнав и на нашата средба, ние сме подготвени да ја прифатиме новата методологија затоа што тоа е во наш интерес, процесот да биде одржлив и кредибилен“, изјави Пендаровски.
Со оглед на тоа што „членството во ЕУ е наша стратешка цел речиси три децении, поддржана со широк национален консензус и висока поддршка од граѓаните“, рече шефот на државата, од сите политичари, оние на чело на институциите, но и оние во опозиција, се очекува да продолжат со работа на реформската агенда на земјата.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски го прими претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел кој допатува во работна посета на нашата земја на покана на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Премиерот Спасовски на состанокот со гостинот од Брисел изразил „очекување дека датумот за старт ќе дојде набрзо по усвојувањето на новата методологија за проширување“.

„Премиерот Спасовски потенцираше дека за нашата земја тајмингот е од клучно значење, за да не се загрози реформската динамика која допрва треба да ја постигне својата кулминација, како и Преспанскиот договор во неговата важна имплементациска фаза во претстојниот период“, пишува во владиното соопштение по средбата.
Премиерот Спасовски рекол дека од опозицијата „се очекува одговорен пристап во донесувањето на законот за јавно обвинителство, да се издигне над политикантските калкулации и да биде дел од европска иднина на Северна Македонија“.