Според Комисијата на ОН, за Израелците нападот на 7 октомври претставува преседан во модерната историја на земјата, додека за Палестинците воената операција на израелските сили во Појасот Газа е најкрвавата од 1948 година
И Хамас и Израел извршиле воени злосторства на и по 7 октомври, се вели во извештајот на Комисијата за истраги на Обединетите нации (ОН).
Наодите во извештајот, кој е на 29 страници и го опфаќа периодот од 7 октомври до 31 декември 2023 година, се базираат на интервјуа со жртви и сведоци, стотици поднесоци, сателитски снимки, медицински извештаи и проверени информации од отворени извори.

Во него Хамас се обвинува дека намерно насочувал напади против цивили и дека извршил убиства и своеволни убиства. Милитантната палестинска група, исто така, се обвинува за „тортура, нечовечко или сурово постапување“, како и за „недискриминирачко истрелување проектили кон населени области во Израел. Меѓу другите воени злосторства, кои се наведува дека ги извршиле припадници на Хамас за време на нападот на населени области во јужен Израел, се посочени повреда на лично човеково достоинство, сквернавење на тела со палење, сакатење и обезглавување, сексуално насилство и сексуално сквернавење на мртви тела на мажи и жени.
Извештајот, како што пренесуваат агенциите, продолжува со набројување на воени злосторства извршени од израелска страна, кои меѓу другите го вклучуваат изгладувањето како метод на војување. Понатаму Израел се обвинува, исто така, за убиства и убиства по волја, намерно насочување напади врз цивили и цивилни објекти, присилно преселување, сексуално насилство, повреда на личното достоинство.
Во извештајот на Комисијата за истраги на ОН се наведува и дека Израел извршил колективна казна на палестинското население во Газа.
„7 октомври 2023 година означи јасна пресвртница и за Израелците и за Палестинците и претставува момент на пресврт што може да го промени правецот на овој конфликт со реален ризик за дополнително зацврстување и проширување на окупацијата. Во услови на повеќемесечни загуби и очај, одмазда и злосторства, единствениот опиплив резултат е влошувањето на огромното страдање и на Палестинците и на Израелците, при што цивилите, повторно го носат товарот на одлуките на оние што се на власт“,
се вели во заклучоците од извештајот.
Според Комисијата на ОН, за Израелците нападот на 7 октомври претставува преседан во модерната историја на земјата, додека за Палестинците воената операција на израелските сили во Појасот Газа е најкрвавата од 1948 година.
„За Израелците, нападот од 7 октомври беше без преседан во неговата модерна историја, кога во еден ден стотици луѓе беа убиени и киднапирани, враќајќи ги спомените од прогонствата во минатото, не само на израелските Евреи, туку и на еврејскиот народ насекаде…За Палестинците, воената операција на Израел во Газа е најдолгата, најголемата и најкрвавата од 1948 година. Предизвика огромни штети и загуби на животи и на многу Палестинци им поттикна трауматични сеќавања на Накба (што на арапски значи катастрофа, а се однесува на присилното раселување на Палестинците за време на арапско-израелската војна во 1948 година) и други израелски упади“,
се наведува во извештајот.

Наодите од извештајот, како што објави Ројтерс, следната недела треба да бидат разгледани од Советот за човекови права на Обединетите нации во Женева.
Инаку, Израел, како што пишува „Гардијан“, не соработува со Комисијата за истраги на Обединетите нации, која ја обвинува за пристрасност и антиизраелски позиции.
Деипломатската мисија на Израел во Обединетите нации, како што наведува британскиот весник, веќе ги отфрлил наодите од извештајот на Комисијата. Израел не соработува со комисијата, за која вели дека има антиизраелска пристрасност. Дипломатската мисија на Израел во ОН во Женева веќе ги отфрли наодите.
„Комисијата за истраги на ОН уште еднаш докажа дека сите нејзини дејствија се во служба на тесно водена политичка агенда против Израел“,
изјави амбасадорот на Израел во ОН во Женева, Мерирав Ејлон Шахар.
Од друга страна, според Комисијата, Израел ја попречува нејзината работа спречувајќи ги истражителите да пристапат и на израелска и на окупираните палестински територии.