Полковникот кој требаше да замине во Брисел имал национален безбедносен сертификат и НАТО-сертификат, вели и генерал-потполковник Мирослав Стојановски
Полковникот Секуловски вели дека имал сертификат од НАТО цели 23 години и се сомнева дека е цел на, како што вели, „инсајдерски информации од партиски раководените рецидиви останати во безбедносните служби“ дека може да претставува безбедносен ризик за НАТО
Армискиот полковник, кој требаше да замине како воен претставник на С Македонија во седиштето на НАТО во Брисел, имал национален сертификат со назнака „државна тајна“ и НАТО-сертификат „строго доверливо“, потврдува и ексначалникот на Генералштабот – генерал-потполковник Мирослав Стојановски, во гостување во „Утрински брифинг“.
„Прашање е што се случило минативе месеци за она што го има добивано претходно сега да не важи. Имаше тука преписка помеѓу него и поранешниот заменик-министер за одбрана, Емил Димитриев, во која тој реално и точно ги изложи сите оние аргументи кои одат во одбрана на неговата позиција“,
вели Стојановски.
Коментирајќи на статусот на Димитриев, полковникот Зоран Секуловски, кој не доби безбедносен сертификат од НАТО за воен претставник во Брисел, наведува дека, почнувајќи од 1997 година па сѐ до 28 април минатата година, поседувал НАТО-сертификат.
„Последниот мој НАТО-безбедносен сертификат со степен ‘Secret’, беше со важност од 5 години, издаден за период од 29.4.2015 година до 28.4.2020 година. Случајно или не, полковник Драган Ковачки, за жал, мој колега, а ваш сопартиец, кој низ медиумите пројавува загриженост за мојот сертификат, токму во овој период беше припадник и раководител на секторот – Служба за воена безбедност и разузнавање во Министерството за одбрана. По должност првиот човек во министерството што требал и можел да реагира, ако и малку постоело сомнеж за тоа. Ако 23 години наназад НАТО исто така не реагирал за мојот кредибилитет, тогаш или службите на НАТО спиеле (во што ве уверувам дека не е така) или после јавното објавување за мојата номинација за воен претставник, на почетокот од 2020 година, НАТО добива ‘инсајдерски информации’ од партиски раководените рецидиви останати во безбедносните служби дека може да претставувам ‘безбедносен ризик’ за НАТО. Одговорот го знаете и самите“,
објаснува Секуловски.