Чантата „луј витон“, кожената гарнитура и двете фотелји од 5.000 евра, мобилните телефони и останатите работи запленети од Катица Јанева можеа да се видат на фотографии во продолжението на денешното судско рочиште за случајот „Рекет“.
Освен од запленети работи, беа презентирани фотографии и снимки и од куќата во населбата Козле во Скопје каде што живеела Јанева на кои можеше да се види секоја просторија од домот каде што престојувала: спалната соба, бањата, просторија со справи за вежбање и боксерска вреќа, дворот…
Меѓу фотографиите имаше и такви од запленет нотес во кој со пенкало беа напишани некои забелешки.
„Дали има и други снимки? По сè изгледа не“, беше една од забелешките, додека останатите тешко можеа да се прочитаат со оглед на оддалеченоста на екранот од местото каде што се сместени новинарите во судница. Исто така, на некои страници можеше да се види дека го пишува и името „Боки“.
И доказите за Зоран Милески-Кичеец кој призна вина и доби првостепена пресуда со 3 години затвор се презентираат во судница. Обвинителите Ивана Трајчева и Вилма Русковска предлагаа да ги повлечат тие докази зашто Кичеец повеќе не е во оваа постапка, но одбраната не се согласи, па се гледаа фотографии и од претресот кај него дома и во куќата на неговиот татко. Можеа да се видат неколку пушки, муниција, мотори, документи…

Јовановски приговараше дека сликите од кај Кичеец се превртени и треба да се ротираат, како и за тоа што се црно-бели.
Судијката Васка Николовска-Масевска, пак, рече дека ќе им дозволи дополнително да направат увид и да ги разгледаат фотографиите и доказите.
Понатаму, требаше да се гледаат снимките кои во обвинителството ги дал Орце Камчев, но поради технички причини тие ќе бидат презентирани на наредното рочиште на 6 февруари.
На крајот на рочиштето адвокатот на Боки, Сашко Дуковски, даде неколку забелешки за доказите на обвинителството за неговиот клиент. Една од забелешките беше и тоа што камионот со запленетата облека се чувал на паркингот во МВР околу една недела.
„Претресот во станот на обвинетиот е извршен на 15 јули 2019 по наредба од судија на претходна постапка. Во врска со ова и од презентираниот материјал се гледа единствено дека има групно фотографирање од местото на настанот без поединечно прецизирање и идентификација на секој предмет. За незаконитоста да биде уште поголема, сите предмети што се одземени од Бојан Јовановски се носат со неколку пати прикажаното камионче на паркингот пред МВР и таму престојуваат сè до деновите 22, 23 и 24 јули“,
рече адвокатот.
Адвокатите на Јанева, Дељо Кадиев и Ирена Фрчковска, пак, не изнесоа забелешки.