Кабинетот на израелскиот премиер нагласи дека Израел нема никаква врска со сопственоста, работењето или составот на меѓународниот екипаж
Израелската војска ја потврди информацијата дека јеменските хути заплениле брод во Црвеното Море, но демантира дека тој е израелски.
„Запленувањето товарен брод од страна на хутите во близина на Јемен, во јужниот дел на Црвеното Море е сериозен инцидент со глобални последици. Бродот тргна на пат од Турција кон Индија. Има и цивили од различни националности, но не и Израелци. Тоа не е израелски брод“,
соопшти ИДФ.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху објави соопштение во кое го обвини Иран за инцидентот.
На бродот има екипаж од 25 луѓе – државјани на Бугарија, Украина, Филипини и Мексико, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Две лица од екипажот се Бугари, од кои едниот е капетанот, јавува Нова.бг повикувајќи се на непотврдени информации.
Според властите во Израел, бродот е британски, а управуван е од јапонска компанија. Кабинетот на израелскиот премиер нагласи дека Израел нема никаква врска со сопственоста, работењето или составот на меѓународниот екипаж.
Јеменските хути го зазедоа бродот што транзитираше низ Црвеното Море откако претходно се заканија дека ќе ги таргетираат сите бродови во сопственост или управувани од израелски компании, како одмазда за бомбардирањата на Појасот Газа.