Хутите речиси секојдневно вршат ракетни или беспилотни напади врз комерцијални и воени бродови кои минуваат низ Црвеното Море и Аденскиот Залив, како што велат, како поддршка на палестинската милитантна група Хамас во нејзината војна против Израел
Јеменската бунтовничка група хути денеска објави дека ќе одговори на американските и британските воздушни напади врз нивните позиции во Јемен и дека овие напади нема да ги одвратат.
Портпаролот на хутите, бригадниот генерал Јахја Саре, изјави дека во изминатите неколку часа американски и британски бомбардери извршиле 48 напади, од кои 14 врз главниот град Сана, девет врз Ходеида и 11 врз Таиз.
Според „Тајмс оф Израел“, тие области се под контрола на таа бунтовничка група, која е поддржана од Техеран.
„Нападите нема да нè одвратат од поддршката на палестинскиот народ во Појасот Газа и нема да останат неказнето“,
предупреди Саре.
Хутите речиси секојдневно вршат ракетни или беспилотни напади врз комерцијални и воени бродови кои минуваат низ Црвеното Море и Аденскиот Залив, како што велат, како поддршка на палестинската милитантна група Хамас во нејзината војна против Израел.
Последните напади врз хутите уследија по американските воздушни напади во петокот врз цели во Сирија и во Ирак како одговор на нападот со беспилотно летало врз американската воена база во Јордан минатата недела, во кој загинаа тројца војници.
Погодените локации, наводно, припаѓале на различни милиции поддржани од Иран, кои САД ги обвинуваат за нападот во Јордан.
Иран, сепак, го отфрла тврдењето на Вашингтон дека Техеран е поврзан со нападот со беспилотни летала.