Мерките што ги бара ОЈО се забрана за напуштање на живеалиштето, обврска за повремено јавување кај одредено службено лице, привремено одземање на патните исправи, забрана за посета на паркот во Маџари каде што се случил нападот и забрана за приближување или воспоставување какви било контакти со оштетеното дете и неговите родители

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска достави предлог до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за определување мерки на претпазливост против три лица. Тие се осомничени за физички напад и насилство врз дете родено во 2011 година, што се случило во паркот во населбата Маџари.
Според информациите од Обвинителството, инцидентот се случил на 22 јуни годинава, кога осомничените со насилнички дејствија го нападнале малолетникот. Детето било удирано со тупаници и клоци, а нанесени му биле и исеченици со нож по телото.
Обвинителството за осомничените предлага забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска за повремено јавување кај одредено службено лице или надлежен државен орган, привремено одземање на пасошите и други исправи за преминување на државната граница, забрана за посета на паркот во Маџари каде што се случил нападот, а се бара и забрана за приближување или воспоставување какви било контакти со оштетеното дете и неговите родители.
Од Обвинителството информираат дека паралелно со овие мерки, во тек се вештачења на пронајдените траги од самото место и се преземаат дополнителни истражни дејствија за прибирање на докази.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) во петокот информираа дека поднеле кривична пријава против три лица од Скопје – Ј. Ј. (19), В. С. (23) и В. А. (19) – поради сомнежи за сторено кривично дело насилство врз дете за случајот со напад и нанесување повреди со нож врз 14-годишник во скопската населба Ченто.
Од МВР рекоа и дека по преземените мерки пријавените се приведени и со нив е извршен службен разговор.
