Од друга страна, израелската војска (ИДФ) соопшти дека нејзините воздушни сили гаѓале легитимни цели, односно дека нападнале комплекс на Хамас и дека нападот бил извршен со прецизна муниција и врз основа на веродостојни разузнавачки информации
Хуманитарни групи кои се ангажирани во давањето помош на цивилното население во Газа изразија ужаснатост од израелскиот напад на камп за раселени лица во јужниот град Рафах, во кој загинаа најмалку 35 луѓе, пренесува „Гардијан“.
Организацијата „Лекари без граници“ соопшти дека десетици мртви и повредени луѓе биле донесени во центрите поддржани од групата.
„Ужаснати сме од овој смртоносен настан, кој уште еднаш покажува дека никаде не е безбедно. Продолжуваме да повикуваме на итен и одржлив прекин на огнот во Газа“,
напишаа од „Лекари без граници“ на социјалната платформа Икс.
We are horrified by this deadly event, which shows once again that nowhere is safe. We continue to call for an immediate and sustained ceasefire in Gaza.
— MSF International (@MSF) May 26, 2024
Канцеларијата за медиуми на Хамас во Газа претходно соопшти дека во нападот бил погоден центарот за раселени лица, управуван од Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци во Рафах, наведувајќи дека станува збор за ужасен масакр.
Снимките од местото на нападот покажуваат големи штети на кампот, каде што по воздушните удари на израелската војска избувнал пожар кој се проширил на областа.
Израелската војска (ИДФ) соопшти дека нејзините воздушни сили гаѓале легитимни цели, односно дека нападнале комплекс на Хамас и дека нападот бил извршен со прецизна муниција и врз основа на веродостојни разузнавачки информации.
Според ИДФ, во нападите се убиени Јасин Рабија и Калед Нагар, двајцата високи функционери на палестинската милитантна група на окупираниот Западен Брег, пренесува агенцијата Франс прес.
Од ИДФ велат оти се свесни за извештаите кои укажуваат дека има настрадани цивили и дека избувнал пожар, додавајќи дека ги разгледуваат наводите за инцидентот.
Инаку, нападот во Рафах следува откако израелската армија вчера соопшти дека истиот ден најмалку осум ракети биле истрелани кон централните области на земјата од Рафах, а биле насочени кон трговски комплекс во Тел Авив.
Израелската воена офанзива продолжи во Рафах, и покрај минатонеделната пресуда на Меѓународниот суд на правдата дека мора да престане.
Ракетниот напад се случи пред понатамошните преговори за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, кои треба да продолжат следната недела.
Израелската воена офанзива во Газа започна откако вооружени лица предводени од Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври убивајќи околу 1 200 луѓе и зедоа 252 лица назад во Газа како заложници.
Според Министерството за здравство во Газа управувано од Хамас, оттогаш во војната се убиени речиси 36 000 Палестинци.