Другите кандидати за народен правобранител – Стафа, Костов и Јовановски не ги загрозија позициите на Зибери, кој набрзо по изборите беше најавен како наследник на Мемети
Партиите ги кројат политиките во една држава и не можеме да очекуваме лице кое поради нив дошло на таа функција понатаму да биде непристрасно и критички настроено во своето постапување, вели Пировска од Хелсиншки комитет
Веќе в понеделник, за кога е закажана нова собраниска седница, Насер Зибери, некогашен пратеник и министер за труд и социјална политика од редовите на ПДП, досегашен нотар и неодамнешен кандидат на ДУИ за премиер, би можел да биде избран за нов народен правобранител.
Откако собраниската Комисија за избори и именувања денеска, со седум гласа „за“ го утврди Зибери како предлог за омбудсман, стана извесно дека тој ќе го наследи Иџет Мемети, кој, пак, по два мандати од по осум години како народен правобранител, неодамна во Собранието беше избран за член на Советот на јавни обвинители.
По Мемети, поранешен министер за правда, Зибери ќе биде вториот народен правобранител кој доаѓа на функцијата со потежок политички багаж. Иако речиси две децении Зибери не беше директен учесник во политичките случувања во земјава, неговиот последен политички амгажман, сепак, беше пред само половина година, кога заедно со лидерот на ДУИ Али Ахмети ја „крстареа“ државата за време на изборната кампања.
„Не е случајност што секогаш се инсистира лицето што треба да ја извршува функцијата народен правобранител да нема политички багаж, од проста причина што таа функција пред се и над се значи независност и непристрасност при нејзиното извршување. Ако се знае дека лицето својата кандидатура ја должи на одредена политичка партија, тогаш логично е да постои скепса и недоверба дека истото тоа лице ќе биде независно, непристрасно и критички настроено доколку претставници на таа политичка партија во еден момент бидат предмет на претставка во институцијата ‘народен правобранител’“,
вели за „360 степени“ Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет.

Таа посочува дека и претходните народни правобранители беа избрани како резултат на политички договор помеѓу партиите, а како што вели, во земјите со развиена демократија секогаш се гледа тоа да биде направено на еден начин во кој нема да бидат никако инволвирани политиката и политичките партии.
„Политичките партии ги кројат политиките во една држава и оттука не можеме да очекуваме лице кое поради нив дошло на таа функција понатаму да биде непристрасно и критички настроено во своето постапување“,
вели Пировска.
На „номинацијата“ на Зибери за нов народен правобранител реагира и опозициската коалиција Алијанса за Албанците/Алтернатива, оценувајќи дека е откриено „сценариото за измама на изборите од 15 јули 2020 година“.
„Главниот јунак на последните избори, Насер Зибери има две одговорности: првата е политичка – тој не може да биде народен правобранител, бидејќи на последните избори беше кандидат за политичка функција, додека втората е морална – тој треба да им одговори на сите албански граѓани во нашата земја дали оваа функција беше цената за извршената изборна измама“,
реагираат од Алијанса за Албанците/ Алтернатива.
Од опозициската коалиција велат дека ова ќе остане засекогаш како црна дамка во кариерата на Зибери. Затоа што, како што се оценува, ако тој навистина сакал да биде народен правобранител, можел да ја исполни оваа желба на друг начин, наместо да биде учесник, па дури и главен протагонист на големата измама: „Време е за албански премиер“.
„После овој чин, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива заклучува дека тој што бил измамник на последните избори никогаш нема да може да биде народен правобранител. Тој може да биде адвокат на лидерот на партијата што го номинираше, но никогаш правобранител на народот. Затоа што народот не прифаќа и не толерира измамници“,
се наведува во реакцијата на коалицијата Алијанса/Алтернатива.
Иако коалицијата на СДСМ и на Беса за време на предизборната кампања силно се спротиставуваше на концептот што го промовираше ДУИ – за избор на премиер по етнички клуч, односно за „прв премиер Албанец во Северна Македонија“, сега пратениците од владејачкото мнозинство во матичната собраниска комисија ја дадоа првата „виза“ Зибери да биде омбудсман, односно заштитник на правата на граѓаните, во ситуација кога тие се загрозени од институциите на државата.
Другите тројца кандидати за нов народен правобранител, всушност, воопшто не ги загрозија позициите на Зибери, за кого протекоа информации дека ќе биде избран за омбудсман набрзо откако почнаа преговорите меѓу СДСМ и ДУИ за избор на новата Влада.
На конкурсот што го распиша Собранието, покрај Зибери се пријавиле уште четворица кандидати. Но Ана Чичаковска, во меѓувреме, ја повлекла кандидатурата. Така, како противкандидати на Зибери останаа Фехим Стафа, Сашко Костов и Светислав Јовановски.
Пратеничката Арта Биљали Зендели од ДУИ на денешната седница на Комисијата за избори и именувања, го предложи Зибери за кандидат за омбудсман, за што доби поддршка од уште шестмина пратеници во оваа комисија. Последниот збор, сепак, ќе го има собранискиот пленум.
За избор на народен правобранител се потребни минимум 61 глас, но и т.н. Бадентерово мнозинство, така што треба да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници од немнозинските етнички заедници во земјава.
