Доколку се утврди покачен холестерол, детето ќе биде упатено на педијатар и ќе започне терапијата доколку се потврди дијагнозата
Од следната учебна година во Хрватска ќе се воведе скрининг кај школските деца за фамилијарна хиперхолестеролемија. Со тоа, Хрватска ќе биде меѓу првите земји со ваков скрининг што го открива зголемениот кардиоваскуларен ризик за децата, но и за нивните најблиски роднини, пишува Индекс.хр.
„На систематскиот преглед за упис во прво одделение во основно училиште ќе се додаде уште еден наод, а тоа е вкупната вредност на холестеролот во крвта“,
објасни за Хина, академик Давор Миличиќ, претседател на Хрватското кардиолошко друштво.
Наследна, т.н фамилијарна хиперхолестеролемија подразбира изложеност на патолошки високи концентрации на атероген холестерол уште од раното детство, и затоа пациентите со оваа метаболичка болест имаат десеткратно поголем ризик од предвремени кардиоваскуларни инциденти.
Скринингот на децата требаше да започне веќе оваа учебна година, но поради технички причини се одложи за следната учебна година, наведува Индекс.хр.
Доколку се утврди покачен холестерол, детето ќе биде упатено на педијатар и ќе започне терапијата доколку се потврди дијагнозата. Третманот е најефективен ако започне што е можно порано, така што пациентите ќе можат да имаат ист број здрави години и ист животен век како оние без болеста.