Хрватска, Грција и уште 10 земји од Европската Унија (ЕУ) постигнаа договор за критериумите за издавање на „ковид“ односно „зелени пасоши“ со кои целта им е да се олесни движењето на туристите. Листата со критериуми е предадена на разгледување на Европската Комисија (ЕК), која наредните денови треба да донесе одлука за примената на ваквите пасоши.
„Наша цел е ’зелениот пасоши‘ бргу и по можност, едноставно да се применува на ниво на Унијата“,
изјавија австриската министерка за туризам, Елизабет Кестингер, во разговор со новинската агенција АПА, пренесува „Идекс.хр“.
Според неа, во прашање е опстанокот на европскиот туризам.
„’Зелениот пасош‘ преку QR-кор веднаш дава информација за тоа дали лицето е вакцинирано, тестирано или го прележано коронавирусот. Со тоа се овозможува негова едноставна и практична примена секаде на ниво на ЕУ, од пријавување на аеродромите до посета на некоја локална кафеана“,
изјави австриската министерка.
Податоците од овие документи не би се чувале на ниво на ЕУ, туку само во земјата на потекло на сопственикот на пасошот.
Следна цел откако ќе се изјасни ЕК, како што пренесуваат медиумите, е усогласување на примената на ковид-пасошите и со трети земји.
12 земји кои се усогласија околу критериумите, покрај Хрватска и Грција се и: Австрија, Кипар, Данска, Франција, Германија, Италија, Малта, Португалија, Словенија и Шпанија.